На 4 април закажана пресудата за грабнувањето на Самоил Костадиновски

Пресудата за грабнувањето на Самоил Костадиновски ќе биде објавена на 4 април откако денеска во Основниот кривичен суд Скопје се одржаа завршни зборови.

Обвинителот Дарко Петревски, на денешните завршни зборови посочи дека мноштвото изведени материјални и вербални докази ја зацврстиле теоријата на случај на обвинителството.

– Обвинителството надвор од секое разумно сомневање докажа дека обвинетите го сториле кривичното дело така како што е опишано во диспозитивот на обвинителниот акт, рече обвинителот.

Тој побара обвинетите Виктор Милановски и Саша Челичиќ Судот да ги огласи за виновни.

Според адвокатот на првообвинетиот Виктор Милановски, адвокат Ѕвонко Давидовиќ, доказите не соодветствуваат и не го докажуваат обвинението и како што рече, „во еден дел немаат ниту логика“. Тој побара судот да донесе одлука според изведените докази, која, според него, може да биде само ослободителна.

Според адвокатот Драган Пешевски, бранител на второобвинетиот Челичиќ, обвинителството не докажало ништо против второобвинетиот и тој побара ослободителна пресуда.

– Сѐ она што се претпоставки и индиции да ги остави надвор од оваа судница, да суди според факти и докази, рече адвокатот.

Обвинетиот Виктор Милановски во завршен збор истакна дека од почетокот на постапката, до крајот, како што рече, е направена голема неправда од страна на јавниот обвинител.

– Самоил беше мој другар и пријател, се дружевме, бев кај него дома, никогаш не би помислил да направам нешто такво, а камо ли на некој што ми бил другар, пријател, како брат, рече тој.

Обвинетиот Саша Челичиќ посочи дека обвинението дека умислено помогнал за киднапирање, како што рече, е нездраворaзумски.

повеќе

Back to top button
Close