На 7 септември ќе започне учебната година во Грција

Учебната година ќе започне на 7 септември и одново ќе треба да се соочиме со истите основни предизвици. Да се придржуваме до индивидуалните мерки на хигиена и заштита, да држиме растојание и онаму каде што треба, вон училиштето или во училиштето, доколку е потребно, да носиме маска, рече портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас во интервјуто за телевизијата „Open“, јави дописничката на МИА од Атина.

Пред почетокот на летото, грчката Влада донесе одлука, новата учебна година да започне порано, наместо на 11, на 7 септември и според Пецас, засега, нема промени на конкретниот план.

Подготовките за новата учебна година и за отворањето на училиштата, како и текот на пандемијата беа темите за кои станало збор на денешниот редовен состанок за Ковид-19 во премиерската палата.

Била направена проценка на ситуацијата, презентирани детални податоци за позитивните случаи, како во однос на географската распространетост, така и во однос на возраста и било заклучено дека од податоците произлегува дека има зголемување на случаите кај младите.

Станало збор и за протоколите за работа за оние кои што ќе се вратат на работните места по летните одмори, за што конкретни соопштенија ќе има во следните денови.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, на денешниот состанок со надлежните министри и епидемиолози истакнал дека Владата е подготвена да интервенира на локално ниво, ако тоа биде препорачано од експертите.

Back to top button
Close