На 87 српски државјани им е забранет влез во Црна Гора пред самитот ЕУ-Западен Балкан
Црногорскиот дневен весник „Побједа“ ги објави имињата на сите 87 мажи кои вчера се протерани од Црна Гора откако пристнале со чартер лет на „Ер Србија“ во Тиват каде утре се одржува Самитот ЕУ-Западен Балкан.

Најголем дел од нив биле поврзани со владејачката партија во Србија, Српска Напредна Странка. Црногорската полиција и Агенцијата за национална безбедност најавија дека на сите овие лица ќе им биде изречена забрана за влез и престој во Црна Гора, пишува Побједа.
„Врз основа на безбедносни проверки, проценка на ризик и профилирање, со горенаведените лица е постапено во согласност со законот“, соопшти црногорската полиција.
Оттаму потсетуваат дека како дел од обемните, континуирани и интензивни активности што ги спроведуваат по повод Самитот ЕУ-Западен Балкан, на граничниот премин на аеродромот Тиват, се извршени зголемени гранични и безбедносни контроли, при што бил ставен под контрола чартер лет на релација Белград-Тиват, со кој во Црна Гора биле превезени 87 државјани на Република Србија.
„Како дел од активностите насочени кон зачувување на стабилна безбедносна ситуација, безбедносните служби навремено идентификуваа лица од безбедносен интерес и, во согласност со законските овластувања и проценетите ризици, презедоа соодветни службени мерки и дејствија со што им беше спречено на наведените лица да останат на територијата на Црна Гора, со доставување на решение за забрана за влез“, соопшти полицијата.






