На 9 јуни албанскиот Парламент ќе гласа за разрешување на претседателот Илир Мета

 Координаторите на пратеничките групи во албанскиот Законодавен дом, на денешната средба одлучија седницата за разрешување на претседателот Илир Мета да се одржи на 9 јуни во 10 часот.

Предходно беше најавено дека седницата ќе се одржи на 10 јуни, но нема информации зошто таа е презакажана ден порано.

На седницата ќе се расправа по извештајот на парламентарната анкетна комисија, која од 7 мај прибираше докази, по што претседателот Алкет Хисени, информираше дека е утврдено оти шефот на државата ги прекршил уставните надлежности.

Според комисијата, претседателот Мета дури 16-пати ги прекршил уставните надлежности, пред и по парламентарните избори на 25 април, што главно било утврдено од процената на неговите изјави и објави во медиумите и на социјалните мрежи.

Гласањето за разрешување на шефот на државата, што се случува за првпат во плурална Албанија, ќе биде тајно, а според член 88 од Уставот потребни се две третини од вкупниот број пратеници односно 94.

Во албанскиот парламент од 140 пополнети се 122 пратенички места, откако во февруари 2019 опозицијата се откажа од пратеничките мандати и не се успеа да се пополнат со други кандидати од нивните листи. Имајќи во предвид дека за формирање на анкетната комисија гласаа 97 пратеници владејачкото мнозинство го има обезбедено потребниот број.

Одлуката на парламентот потоа оди во Уставнот суд, кој по прашањето треба да се изјасни во рок од три месеци.

Од своја страна, Мета во неколку наврати порача дека „ни најмалку не е загрижен или вознемирен од одлуката на еднопартискиот парламент и оти на функцијата останува до 24 јули 2022, кога му завршува мандатот“.

Back to top button
Close