На Алјаска, Трамп ја промовира Русија во голема светска сила

Денко Малески

Наспроти силниот отпор од американскиот естаблишмент, Трамп го направи досега незамисливиот чекор кон мир: на Русија и го призна статусот на голема сила. Тоа ги менува правилата на досегашната игра зашто, како што има кажано Кисинџер, ако признаеме дека Русија е голема сила тогаш ќе бараме начини да ги усогласиме нашите интереси.

После самитот во Алјаска тој процес веќе станува незапирлив. Појавата на Сергеј Лавров со маица на која стои „СССР“ го симболизира тој повраток на неговата држава на големата светска сцена. Не беше така по распадот на Советскиот сојуз кога државата и нејзините претставници беа игнорирани ако не и понижувани од Западот. Бесмислен „нуклеарен Кувајт“, сиромашна земја со никаква економија потоната во корупција и со армија чии војници, наместо да вежбаат садат копири за да се прехранат, беа некои од нивните коментари. Но, не повеќе. Некни, американски претседател посла црвен килим за непријателот које сега е промовиран во пријател. Светот одновo има шанса за мир меѓу големите сили, значи за светски мир, и за нов почеток.

Од сите политичари во Америка, тоа го оствари токму „лудиот“, непредвидливиот, Трамп. Молњевито ја сврте државната политика на Америка од војна кон дипломатија. Како и секоја вистинска дипломатија, ова подразбира почит, способност да се сослуша другиот и обид да се разберат неговите проблеми. Сето тоа се виде од срдечниот дочек на Путин на воениот аеродром во Енкориџ.

Можам да го замислам Путин како го прашува американскиот претседател дали склучување воен сојуз на Мексико со Кина кој предвидува воени бази за кинеската морнарица во Мексиканскиот залив и распоредување на ракетни системи на границата на Америка, Вашингтон би го нарекол право на секој народ да го избере сојузот на кој сака да му припаѓа? Конечно, уште е во сеќавањата Кубанската ракетна криза од 1962, кога светот беше на работ на нуклеарен конфликт.

И ништо од ова што го пишувам не го мешајте со идеолошкиот натпревар меѓу демократиите и автократиите. Јас сум среќен, као што треба да бидете и вие, што живеме во демократска држава а не во автократска. Но, кога станува збор за односи помеѓу големи сили во нуклеарната ера и кога самиот опстанок на човештвото е доведен во прашање политичаритите и народите мораат да знаат дека војната не е веќе опција. Дека досијето за војна меѓу Америка и Русија мора да се затвори. А до неодамна беше опасно и големи беа шансите дека, ако продолжевме по тој пат, ќе стасавме таму каде што бевме тргнале – во светски нуклеарен судир.

И додека тоа го разбира „лудиот и непредвидлив Трамп, тоа не го разбираат Мерц, Макрон, Стармер, Урсула фон др Лејн и другите европски лидери. Навистина, кој е тука „луд“ и непредвидлив? Никој веќе не ја разбира логиката зад потезите на европските политичари. Некни, од официјална Германија, некој рече дека државата треба да се подготвува за војна со Русија во 2029, годината кога Трамп нема веќе да биде претседател. Други зборуваат за лесниот плен Калининград, руска енклава на Балтикот опкружена со НАТО. Трети најавуваат милитаризација на ЕУ, некогашниот сјаен мировен проект. Четврти сакаат да ја искористат „руската опасност“ заради трансформација на самата ЕУ во голема сила.

Сите чекори им се погрешни.

Кога станува збор за Украинската војна европските политичари мислат дека се толку во право што не мораат ниту да разберат други. Но, вообразените европски политичари мора да разбрале едно од самитот на Алјаска: Америка ја напушта ЕУ со големи планови за соработка со Русија во разни домени, од економија до контрола на нуклеарното оружје. Сега Русија и Америка ќе почнат да си ги усогласуваат своите интереси, меѓу кои и оние околу Украина.

И да: силните го прават она што можат а слабите она што мораат во меѓународните односи. Украина ќе мора да ги исполни условите на Русија за мир, нешто на што Трамп очигледно го прифаќа. Зошто? Затоа што без тоа нема решение на војната, а двете големи сили не сакаат нуклеарна војна меѓу себе. Трите услови на Русија ќе мора да бидат задоволени во замена за мир: признавање на окупираните четири области за дел од Русија, од страна на Украина и од меѓународното општество на држави, неутралност на остатокот од државата и нејзино разоружување. Се друго ќе бидат финеси. Мир меѓу инволвираните во војната не е возможен, вели науката за меѓународната политика, зашто целите на завојуваните страни се едноставно непомирливи. Сите мировни преговори ќе пропаднат а решението на војната во Украина ќе се најде само на бојното поле. Со воена победа на Русија и капитулација на разорената Украина од која не се знае што ќе остане ако продолжи војната.

Трамп уште се надева дека сепак нема да биде така и дека Украина ќе се помири со загубените четири области населени со Руси кои беа приклучени кон ова советска република во 1922 и Крим во 1954. Некои велат дека така ќе биде подобро и за украинската држава која ќе добие поголема етничка хомогеност и ќе го зајакне својот идентитет наспроти Русија и Русите.

Но, кој е тој политичар што ќе отпише 20 проценти од својата територија и ќе потпише капитулација со толкава европска поддршка зад себе? Утре, претседателот на Украина Зеленски повторно ќе се најде во Белата куќа и, верувам, ова ќе биде главната тема.

Трамп: Потпиши.

Зеленски: Не потпишувам…

 

Back to top button
Close