На Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ поважни им се микрофоните и копчето од проблемите на скопјани, реагира опозицијата во Град Скопје

Опозицијата во Советот на Град Скопје денеска јавно го осуди вчерашниот однос меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и претседателот на Советот Трајко Славески, кои вчера на седница за советнички прашања меѓусебно се расправаа и се навредуваа, по седницата беше прекината.

Координаторката на советничката група на СДСМ во Советот, Љубица Јанчева, денеска на прес-конференција вчерашната седница на Советот на Градот ја окарактеризира како циркус, за кој, како виновни ги посочи ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска.

„Наместо поставување прашања и одговори, граѓаните вчера беа сведоци на кавги и лични навреди меѓу градоначалничката Данела Арсовска и претседателот на Советот, Трајко Славески. Очигледно е дека на ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска поважни им се микрофонот и копчето за исклучување на микрофонот од развојот на Скопје и интересите на скопјани“,вели Јанчева.

Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје

Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје изминатава година, според Јанчева, направила хаос, неработење, партизација, кавги за тендери и расипничко трошење на парите на граѓаните.

„Додека ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска се расправаат за микрофони и тендер од 136 милиони евра, додава Јанчева, се случи Скопје првпат во историјата да остане без јавен превоз. Нема бесплатен јавен превоз, нема ниту еколошки автобуси. Наместо паркови никнуваат депонии. Стои реконструкцијата на Универзалната сала, стојат и мостовите, клучките и започнатите улици. Градскат власт на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска го уназадија Град Скопје, не реализираа ниту едно ветување“,вели Јанчева.

Осуди за вчерашните расправии во Советот на Град Скопје меѓу Арсовска и Славески упати и Либерално-демократската партија (ЛДП), од каде посочија дека вчерашната седница во Советот е кулминација на хаосот во главниот град во изминатава година.

„Вчерашната седница за советнички прашања беше само кулминација на хаосот и безредието кои веќе една година владеат во главниот град. Односот на поединци кон институцијата Совет на Град Скопје, особено од страна на градоначалничката Данела Арсовска и претседателот на Советот, Трајко Славески, е само уште еден чекор во деградирањето и дерогирањето на институцијата“,велат од ЛДП.

И оттаму, исто како и од СДСМ ги посочија недостатоците и проблемите со кои се соочуваат граѓаните во главниот град и апелираа советниците и градоначачничката Арсовска да бидат одговорни и да не ги трошат народните пари за како што велат, приредување циркузи.

„И конечно, да се зафатат со решавање на проблемите на Скопје и скопјани“,додаваат од партијата.

Партијата која го има мнозинството во Советот на Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ, пак, за лошото менаџирање на Градот Скопје упати критики до градоначалничката Арсовска, а нејзината работа во главниот град ја спореди со работата на СДСМ на централно ниво.

„СДСМ и Арсовска го заглавија Град Скопје во криминал и корупција. Тоа што го прави СДСМ на централно ниво, сега Арсовска го прави на ниво на Град Скопје. Само два месеци откако ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска се разделија, Арсовска нема област каде има напредок. ЈСП остана без плати, и само иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ ги спаси вработените и овозможи исплата. На народот му е преку глава од циркусот на власта и Арсовска“,велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи оти скопјани ги очекуваат проектите за кои Арсовска ја доби поддршката на локалните избори.

 

Back to top button
Close