На барање на Димовски, седницата на собраниската Комисија за контрола на АНБ затворена за јавноста

Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски побара денешната седница на собраниската Комисија за надзор на работата на безбедносните служби на која треба да реферира за случајот со даденото македонско државјанство на украинскиот граѓанин Олександар Онишченко, да биде затворена за јавност, поради, како што нагласи, класифицираните информации што ќе ги изнесе.

 

– Замолувам оваа седница да биде затворена за јавноста. бидејќи документите поради кои ме повикаа се од класифициран карактер, рече Димовски.

Пред седницата тој не сакаше да даде изјава за медиумите и најави дека ќе се обрати по нејзиното завршување. Барањето на Димовски за затворање на комисиската седница за јавноста беше поддржано од пет пратеници членови на Комисијата.

На седницата ќе може да присуствуваат само пратениците кои имаат безбедносен сертификат и се очекува таа да продолжи по дадената куса пауза.

Димовски најави дека на седницата под точката „Разно“ ќе се произнесе и по обвинувања дека АНБ ги злоупотребува средствата и ресурсите за следење на опозицијата.

Украинскиот државјанин Онишченко, кој се наоѓа на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, добил македонско државјанство како спортист во еквестријан на предлог на Коњичката федерација. Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата, по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.

Премиерот Димитар Ковачевски претходно најави дека упатил барање до институциите, кои биле вклучени во донесувањето на позитивни мислења за доделување на државјанството на Онишченко, да поднесат извештај за тоа дали и како е спроведена процедурата.

Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера во телевизиско интервју изјави дека случајот со Онишченко претставува сериозен удар врз кредибилитетот на АНБ и на државата, како членка на НАТО. Според него, станува збор за голем системски пропуст и дека мора да има одговорност и случајот докрај да се разреши.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close