На болничко лекување 109 ковид-пациенти, 43 од нив се во Скопје

– Вкупно 109 пациенти позитивни и сомнителни на КОВИД-19 се лекуваат на инфективните одделенија во болниците низ целата држава, од кои 43 се во Скопје, а 66 во другите градови. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Има 530 празни болнички кревети во ковид-центрите, соопшти Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во Скопје само двајца пациенти биле хоспитализирани, кои поради компликации од коронавирусот се примени во ГОБ „8 Септември“. На Инфективната клиника и во другите ковид-центри во главниот град во изминатото деноноќие немало нови пациенти, а на домашно лекување биле пуштени седум оздравени.

Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 15 болни, на Инфективна 25, во ковид-центарот на Институтот за ТБЦ се лекуваат тројца пациенти.

– Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 90 слободни места, а се очекува во тек на денот, по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места, информираше Министерството за хоспитализираните во Скопје.

Во ковид-центрите во болниците низ земјава во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 66 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.

Во болницата во Битола има пет пациенти, во Штип четири, Тетово има двајца пациенти, Велес осум, Куманово 14, Охрид има седум на болничко лекување, Прилеп тројца, Гостивар осум, Струга пет пациенти, во Струмица се девет, во Кичево еден, а во Кавадарци и Гевгелија нема хоспитализирани.

Министерството посочува дека поради намалениот број болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид-пациенти и дека бројките што ги соопштува се променливи во текот на денот зашто се прават исписи на оздравени пациенти.

Back to top button
Close