На Борче Марковски и на уште еден осомничен Судот им одреди куќен притвор, ОЈО Битола најави жалбa
Наместо мерка притвор, како што барало Основното јавно обвинителство Битола, битолскиот суд им одредил куќен притвор на сопственикот на „Марковски компани“, Борче Марковски, и на уште еден осомничен, кои се опфатени во новата истрага за злоупотреби во РЕК „Битола“, информираа вечерва од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Фото: Архива
Оттаму велат дека надлежниот обвинител не се согласува со ваквата одлука на Основниот суд Битола и затоа ќе поднесе жалба со која ќе бара мерка ефективен притвор.
Од Обвинителството велат дека барањето да им биде одредена најстрогата мерка за обезбедување присуство е поради ризикот од бегство на осомничените, од кои едниот, како што наведуваат, има значителен имот во друга држава.
„Основниот суд во Битола не го прифати предлогот на ОЈО Битола за определување мерка притвор за двајцата осомничени и наместо тоа определи мерка куќен притвор. Надлежниот јавен обвинител не се согласува со ваквата одлука, особено имајќи ги предвид ризиците од бегство на осомничените, од кои едниот има и значителен имот во друга држава. Од тие причини обвинителството ќе вложи жалба на одлуката на Судот и ќе бара мерка ефективен притвор“,
се вели во информацијата на Јавното обвинителство.
Инаку, од Обвинителството денеска соопштија дека јавниот обвинител до Основниот суд Битола ќе достави предлог за одредување мерка притвор за две лица – сопственикот на фирмата (Марковски компани н.з.) и за еден раководител од ПЕ „Рудници“, додека за две други раководни лица од РЕК „Битола“ и за вработениот во компанијата ќе бидат предложени мерки на претпазливост – одземање патна исправа и повремено јавување во Судот.
Оттаму, додадоа, дека поранешниот директор на РЕК „Битола“, кој е опфатен со истрагата, веќе се наоѓа во притвор по друга постапка и оти уште едно службено лице од Комбинатот во друга постапка е веќе обезбедено со мерки на претпазливост кои ги почитува до овој момент.
За потестување, против бизнисменот Борче Марковски и уште седум други лица ОЈО Битола денеска отвори истрага поради основани сомненија дека тие како група сториле кривични дела поврзани со јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“.
Меѓу другите осомничени, еден е вработен во „Марковски компани“, која исто така е опфатена во истрагата како правно лице, додека другите се поранешни раководители во Комбинатот. Меѓу нив е поранешниот директор во РЕК „Битола“, Пеце Матевски, кој веќе е обвинет во предметот „Адитив“, исто така за злоупотреби за кои веќе се води судски процес.
Тие се товарат дека, опремата што „Марковски компани“ требало да ја дислоцира, според рударскиот проект за експлоатација на рудникот за кој била наменета, воопшто не била предвидена.
Независно од тоа, тендерот се спровел и го добил „Марковски компани“ ДООЕЛ за сума од околу 1,7 милиони евра, а целата постапка се одвивала кон крајот на 2023 и почетокот на 2024 г. За тие пари, фирмата требало да ја демонтира опремата во ТЕЦ „Осломеј“, да ја транспортира до новата локација близу РЕК „Битола“ и потоа да ја монтира за да се употребува за транспорт на рудата која се ископувала на локацијата. „Марковски компани“ ги направиле првите два чекора, демонтажата и транспортот, но наместо да се монтира, опремата била само оставена во кругот на РЕК „Битола“ без да се монтира и употребува.