На деца не им била прикажувана порнографска содржина во Музејот на современа уметност-Скопје

Деца од 4 одделение од СОС „Детско село“ и од ООУ „Дане Крапчев“ биле во посета на Музејот на современа уметност во Скопје, но таму не им била прикажувана порнографска содржина или содржина која не е соодветна за нивната возраст. Во склоп на трите изложби децата имале можност да видат дела посветени на постземјотресно Скопје. Од Музејот во изјава за Вистиномер велат дека децата немале никаков контакт со содржини кои не одговараат на нивната возраст. Оттаму најавуваат и тужби за сите кои шират лажни вести и манипулираат со изменети објави со цел да предизвикаат вознемиреност во јавноста. Содржината која се оспорува во објавите на Фејсбук е во склоп на изложбата „Горчлив шеќер“, но јасно е нагласено дека таа не е за лица под 16 години и истата во никој случај не им се прикажува на деца од 1 до 5 одделение

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека деца од прво до петто одделение се носеле на порнографска хомосексуална изложба во Музејот на современа уметност во Скопје.

Во меѓувреме во Севргџганија – школски деца од 1-5 одд организирано се носат на порнографска хомосексуална изложба под плаштот “модерна уметност” Децата препаднати бегале едно по едно!
Гниди одродени изопачени. Во Музеј на современа уметност на сите вработени им посакувам парите на цитостатоци да ги потрошат, стои во објавата.
Под објавата е споделена и фотографија од објава на Музејот, која очигледно е фотошопирана, односно, преку сликите од посетата на децата е ставена слика со несоодветна содржина.

Објавата е многу вирална и споделувана на социјалните мрежи. Тврдење дека деца гледале изложба со порнографска содржина има и тука и тука. Додека, пак, тврдење дека деца кои оделе во музејот со своите родители и има пристап до порнографска содржина има и тука и тука.

Според  фотографијата од објава на Музеј на современа уметност – Скопје, споделена во објавата што ја анализираме, станува збор за посета на четири паралелки од 4 одделение на деца од „СОС Детско село“ и од ООУ „Дане Крапчев“.  Тие, заедно со нивните наставнички, ги разгледале трите тековни изложби „Континуитети, избор на дела од француската колекција“, „Иднината како проект, Доксијадис во Скопје“ и „Горчлив шеќер“, самостојна изложба на Ѓорѓи Јовановиќ, проследено со детска работилница. Уметничките дела и содржини прикажани низ турата се селектирани и прилагодени за возраста на децата и мониторирани од кустосот и наставничките.

Вистиномер провери за какви изложби станува збор. Изложбата „Континуитети, избор на дела од француската колекција“, како што објави СДК.мк , била отворена на 10 декември 2023 година.

Отворена е изложбата „Континуитети” со дела од француски автори во колекцијата на Музејот на современата уметност (МСУ), а куратори се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец. Со изложбата сe одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Франција и Македонија, како и 60 години од скопскиот земјотрес. Кураторите велат дека оваа изложба е исклучително ретка можност да се погледне избор од слики, скулптури и графики кои се создавани во периодот од 1933 до 2001 и кои претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата на повеќе генерации уметници кои живееле и создавале во Франција. Во колекцијата на МСУ се чуваат 5.291 дело, меѓу кои 300 дела од над 150 уметници од Франција, пишува СДК.

Од објавеното се гледа дека изложбата „Континуитети“ е посветена на 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Франција и Македонија, како и 60 години од скопскиот земјотрес, а од фотографиите на СДК може да се види дека на отворањето бил и претседателот Стево Пендаровски.

Од фотографиите кои ги објавил Музејот на современа уметност, може да се види дека на изложбата немало никаква порнографска содржина, како што се тврди во објавата.

Понатаму, изложбата „Иднината како проект, Доксијадис во Скопје“, како што било најавено на веб- страницата на Министереството за култура, била отворена на 21 септември 2023 година.

Во годината кога Скопје одбележува 60 години од катастрофалниот земјотрес што го разурна градот на 26 јули 1963 година, оваа изложба има цел одново да ја стави во центарот на вниманието приказната за неговата обнова. Во нејзиниот фокус се улогата и придонесот на грчкиот архитект и планер Константинос А. Доксијадис. Автори и куратори на изложбата се: Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Калиопи Амигдалу и Костас Циамбаос, во соработка со истражувачкиот тим кој го сочинуваат: Теа Дамјановска, Михајло Стојановски и Христос – Георгиос Критикос, објавило Министерството за култура.

Значи, и изложбата „Иднината како проект, Доксијадис во Скопје“ била посветена на земјотресот во Скопје од 1963 година. Од фотографиите обајвени од изложбата, не можат да се забележат наводните порнографски содржини какви што ги прикажува објавата што ја анализираме.

Изложбата „Горчлив шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ се одржала на 19 септември 2023 година.

Замислен како ’тотално уметничко дело’, овој проект преку богат иконографски фундус и комплексна мрежа од релации, и комбинирање на неколку уметнички дисциплини (визуелна уметност и експериментален филм, анимации и музика) се фокусира на продлабочувањето на врските помеѓу овие уметнички форми, како и истражувањето на можностите за создавање нови уметнички содржини. Јовановиќ преку овој проект прави интегрирање на целокупната негова творечка практика која опфаќа најразновидни изразни форми и медиуми од цртеж и инсталација, до перформативност и интерактивност. Проектот претставува синтеза и надоградување на искуствата на историската авангарда, особено на дадаистичките и надреалистичките интервенции, во обид да ги трансформира и употреби во современиот контекст, обременет со предизвиците на (пост)пандемиска политичка и технолошка реалност. Преплетувањето на реалното и надреалното и екстремните точки на нивното среќавање се одразува и преку спојувањето на разните жанрови. Во просторната инсталација која ја сочинуваат огромен број слики и објекти, како и анимациите кои ја активираат, Јовановиќ создава повеќедимензионална наративна мрежа низ која бројните протагонисти и различните состојби во коишто се наоѓаат, се трансформираат на едно друго ниво, како тотална слика за хаотичната современост, пишува Окно за изложбата.

На фотографиите од изложбата кои ги објавува Окно, не можат да се видат порнографски содржини.

Анимираните видеа прикажани на изложбата, како што пишува СДК, се колекција од поетични, хумористични и трагикомични приказни работени според раскази од неколку претставници на поновата генерација македонски писатели (Румена Бужаровска, Петар Андоновски, Алекс Букарски) како и идеи на Јовановиќ.

Во нивниот фокус се неизвесноста, игноранцијата, преку лични приказни, трагедии и неволји на луѓето на маргините, и преку прикажување на екстреми на човековото однесување во борбата и разбивањeто на стереотипите во патријархалното општество и потрагата по правда и слобода, ги цитира СДК кураторите.

Видео од анимирано дело прикажано во склоп на изложбата, може да се најде во оваа објава. Видеото прикажува дела од изложбата „Горчлив шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ, во кои нема ништо спорно, а во еден момент човекот кој го снима видеото застанува пред една просторија чијашто врата е покриена со завеса и на која има голем знак „16+“ што значи дека содржината не е за лица под 16 години.

Знакот „16+“ се гледа и на оваа објава.

Фотографијата со порнографска содржина додадена врз фотографијата од објавата на Музејот, прикажана во објавата што ја анализираме, е секвенца од анимираното видео во склоп на изложбата прикажано тука, а кое како што спомнавме погоре, не е за лица под 16 години, и тоа Музејот јасно го нагласил.

Вистиномер се обрати до Музејот за современа уметност – Скопје и ги прашавме дали е точно дека ученици од 1 до 5 одд. од ОУ „Дане Крапчев“ и од „СОС Детското село“ присуствувале на нивна изложба на која им се прикажувала порнографска содржина. Притоа им нагласивме дека на нивната Фејсбук страница  не можеме да ја најдеме објавата за посетата на овие ученици која се споделува во објавата што ја анализираме.

Одговорот од Музејот ви го пренесуваме во целина:

Единствена цел на посетата на учениците од четврто одделение на ООУ „Дане Крапчев“-Скопје и СОС Детско село на НУ МСУ Скопје беше посета на Музејот и разгледување на делата од изложбата за архитектурата на постземјотресно Скопје соодветна за нивна возраст. Во тој контекст, изречно изјавуваме и најодговорно тврдиме дека за време на посетата, учениците во придружба на нивните наставници и музејскиот водич, немаа никаков контакт со друга изложба или други содржини, кои не одговараат на нивната возраст. Посетата беше водена од кустосот на МСУ и надгледувана од нивните наставнички. Воедно, Ве известуваме дека во интерес на вистината, како и со цел да се избегнат понатамошни последици за училиштата, како и нашата институција, а, пред сè, за децата, постот и целата негова содржина е отстранет од нашите социјални мрежи, за да се избегне понатамошно неправно преземање фотографии со децата (за кои МСУ имаше авторизација од двете училишта), нивно едитирање/монтирање и пишување на несоодветни и навредливи објави. НУ МСУ Скопје, како општествено одговорна институција прави консултации за покренување кривични пријави против поединци, кои изминатиов период ширеа невистини и ја разбрануваа јавноста преку социјалните мрежи.

Значи, од Музејот демантираат дека на децата им била прикажувана несоодветна содржина за нивна возраст и најавуваат тужби против лицата кои шират лажни вести со цел создавање вознемиреност во јавноста.

Реакција за ова стаса и од авторот на расказот, според кој е направено анимираното видео прикажано во склоп на изложбата „Горчлив шеќер“.

Првин мислев да не пишувам ништо ама типот продолжува да пишува статуси и луѓе кои не влегле никогаш во музеј или галерија да коментираат и креваат непотребна врева. Се работи за изложбата ,,Горчлив шеќер” на Ѓорѓе Јовановиќ во МСУ, а ,,проблематичното цртани” е анимиран филм (+16 јасно си стои на влезот од просторијата) е всушност анимиран филм според мојот расказ ,,Шумлива таблета”. Ниту во изложбата, ниту во расказот (филмчето), има нешто проблематично. Проблем е што секој има мислење за уметност/книжевност. Слободно мислите и споделувајте си го мислењето ама во четири ѕида, престанете да не труете со ваш простаклук!, пишува  авторот Петар Андоновски на својот фејсбук профил, како реакција на една од објавите.

 

Од сето погоре можеме да заклучиме дека точно е оти деца од 4 одделение од СОС „Детско село“ и од ООУ „Дане Крапчев“ биле во посета на Музејот на современа уметност во Скопје, но таму не им била прикажувана порнографска содржина или содржина која не е соодветна за нивната возраст. Во склоп на трите изложби децата имале можност да видат дела посветени на постземјотресно Скопје. Од Музејот во изјава за Вистиномер велат дека децата немале никаков контакт со содржини кои не одговараат на нивната возраст. Оттаму најавуваат и тужби за сите кои шират лажни вести и манипулираат со изменети објави со цел да предизвикаат вознемиреност во јавноста. Содржината која се оспорува во објавите на Фејсбук е во склоп на изложбата „Горчлив шеќер“, но јасно е нагласено дека таа не е за лица под 16 години и истата во никој случај не им се прикажува на деца од 1 до 5 одделение. Поради сето ова, објавата ја оценуваме како неточна.

Back to top button
Close