На денешен ден е роден Киро Глигоров – првиот претседател на самостојна Република Македонија

На 3 мај 1917 година во Штип е роден Киро Глигоров, првиот претседател на самостојна Република Македонија. Беше претседател во два мандата од 1991 до 1999 година.

Глигоров е политичка најбитна фигура во процесот на стекнувањe независност на Македонија по мирен пат. Обезбеди стратешко партнерство со САД што и овозможи стабилност на Македонија во немирниот регион на Балканот. Со својата улога на либерален социјалдемократ обезбеди демократијата и институциите на младата држава да профункционираат без националистички притисок и овозможи носење на граѓански Устав кој дефинитивно ја стабилизира државата. Неговата внатрешна и надворешна политика доби исклучителна поддршка што и обезбеди на државата меѓународна афирмација и внатрешна стабилност.

На 8 април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации кога Република Македонија стана 181. членка на ОН.

Глигоров е автор на неколку дела, главно пишувани по завршувањето на неговиот мандат како претседател – „Македонија е сè што имаме“ (2001), „Атентат – ден потоа“ (2002), „Виорни времиња: Република Македонија реалност на Балканот“ (2004) и „Сите југословенски (стопански) реформи“ (2006). Тој беше и основач и на фондацијата „Киро Глигоров“.

Киро Глигоров беше најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот.

На 3 октомври 1995 година во 9 часот и 50 минути преживеа атентат со автомобил-бомба поставен улицата „Македонија“ во непосредна близина на хотелот „Бристол“. Во 2005 година стана прв носител на „Орденот на Република Македонија“.

Почина на 1 јануари 2012 година

Back to top button
Close