На Деве Баир запленети 60 килограми марихуана вредна 300 илјади евра

Марихуаната била пронајдена при контрола на возило управувано од романски државјани, а била сокриена во специјално направени бункери во автомобилот

Од Царината информираат дека во текот на минатата година е спречена нелегална трговија на над осум тони дрога и психотропни супстанци, чија вредност на „црниот пазар“ се проценува на 50,3 милиони евра

Мобилните тимови на Царинската управа вчера на граничниот премин Деве Баир пресекле меѓународен канал за трговија со дрога и заплениле 60 килограми марихуана, наменета за европскиот пазар.

Вредноста на запленетата дрога, како што информираат од Царината, на нелегалниот пазар се проценува дека изнесува од 240 до 300 илјади евра.

Марихуaната била пронајдена при контрола на возило со романски регистарски таблички, управувано, исто така, од романски државјани. Таа била сокриена во специјално направени бункери во возилото.

„Во попладневните часови на излез од државата, мобилните тимови од Одделението за оперативни работи од Секторот за контрола и истраги, при вршење на царинска контрола на автомобил со романски регистарски ознаки управувано од романски државјани, пронајдоа опојна дрога марихуана со вкупна тежина од 60 килограми. Опојната дрога е пронајдена во специјално направени бункери во возилото, каде биле сокриени 64 пакети марихуана“,се наведува во соопштение на Царинската управа.

Дрогата и возилото се одземени, а лицата, како што информираат оттаму, се приведени и предадени на Одделението за истраги за спроведување на понатамошна постапка.

До надлежното Основно јавно обвинителство Куманово против двете лица е поднесена кривична пријава, а од страна на судот им е одредена мерка притвор.

Од Царината информираат дека во текот на минатата година е спречена нелегална трговија на над осум тони дрога и психотропни супстанци, чија вредност на „црниот пазар“ се проценува на 50,3 милиони евра.

„Исто така, во 2022 година Царинската управа бележи и двојно зголемување на бројот на случаи на спречување на недозволена трговија во сите категории во однос на 2021 година. Споредено со 2021 година, кога имало 58 случаи на заплени, минатата година се евидентирани вкупно 114 случаи на заплени на: дроги и психотропни супстанци со проценета вредност од над 50 милиони евра, како и заплени на девизи, злато и акцизна стока во вредност од над два милиони евра. Рекордна заплена на злато и девизи во вредност од еден милион евра имаше неодамна, односно во втората половина на декември“посочуваат од Царинската управа

Back to top button
Close