На едно избирачко место во Сарај ниту еден граѓанин не отишол да гласа

Овие локални избори во Македонија ќе останат забележани по најниската излезност на гласачите, бидејќи за првпат, одѕивот на граѓаните не ја надмина границата од 50 проценти ниту во првиот, ниту во вториот изборен круг.
Најниска е излезноста во скопски Сарај, каде гласале само 11,45 отсто од избирачите, а посебно карактеристично е ИМ број 2444 во основното училиште во село Раовиќ.
Таму биле запишани 214 гласачи, но ниту еден од нив не го искористил своето право на глас. Сарај, како дел од територијата на Град Скопје, гласаше за градоначалник на главниот град. Во вкупното броење за општината, кандидатот на ВМРО‑ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, освои 3.589 гласови (85,15 отсто), додека кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, доби 446 гласа (10,58 отсто).
На ниво на држава, според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), во првиот круг одѕивот на гласањето за градоначалници изнесуваше 48.30 отсто. Од вкупно 1.832.415 регистрирани избирачи, гласале 885.085 граѓани.






