На Фејсбук се шири лажна објава за наводен бесплатен градски превоз во Скопје, ЈСП апелирира граѓаните да не наседнуваат

Сомнителна фејсбук-страница денеска објави лажна содржина во која се наведува дека Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ им нуди на граѓаните транспротна картичка во ограничен број со која за симболични 120 денари ќе добијат шестмесечен бесплатен градски превоз во главниот град.

Илустративна фотографија / Фото: Архива

Содржината е објавена на фејсбук-страницата именувана како „Јавен превоз Скопје“, а дека станува збор за обид за измама може да се препознае и по поводот поради кој ЈСП „Скопје“ наводно ја нуди транспортната картичка.

„Во чест на својот 80-ти јубилеј, JSP Skopje (ЈСП Скопје) нуди ограничена транспортна картичка. Уживајте во бесплатни возења 6 месеци за само 120 денари! Освојте нова карта и користете ги сите видови транспорт во Скопје и неговата околина без ограничувања за само 120 денари за 6 месеци! Побрзајте, ќе има само 500 уникатни картички по оваа специјална цена!“,  се вели во објавата.

Имено, ЈПС „Скопје“ воопшто не слави 80-годишен јубилеј. Доколку тоа беше случај, тоа значи дека претпријатието е основано во 1945 година.

Но, од историјата на претпријатието, која може да се прочита и на официјалната веб-страница на ЈСП „Скопје“, јасно стои дека тоа е основано во 1948 година и 80-годишниот јубилеј ќе го слави за три години, односно во 2028 година.

Дополнително на лажната фејсбук-страницата е поставен линк, за наводни дополнителни информации.

Граѓаните кои ќе наидат на објавата во никој случај да не го отвораат наведениот линк.

Инаку, покрај текстуалниот дел, како дел е од содржината на објавата е објавена и фотографија со картичка „Скопска“ на која е даден натпис „6 месеци бесплатно“, што е очигледен факсификат.

Принтскрин од лажната објава на страницата „Јавен превоз Скопје“
Инаку, за фејсбук-страницата „Јавен превоз Скопје“ денеска преку објава на својата официјална станица на социјалната мрежа реагира и ЈСП „Скопје“.

Оттаму велат дека немаат никаква поврзаност со оваа, како наведуваат, лажна фесјбук-страница која го злоупотребува името на Јавното сообраќајно претпријатие и ги повикуваат граѓаните да не наседнуваат на лажните објави.

„Јавно сообраќајно претпријатие ‘Скопје’ нема никаква поврзаност со оваа Фејсбук (Facebook) страница ниту, пак, со активностите што таа ги спроведува иако во некои случаи споделува наши содржини за да манифестира поврзаност со нас. Токму затоа сакаме да ја известиме јавнoста да не наседнува на ваквите лажни фејсбук страни и лажни статуси по социјалните мрежи кои имаат една цел, а тоа е да наштетат на работата на Јавното сообраќајно претпријатие“,се вели во соопштението на ЈСП „Скопје“.  

Од претпријатието додаваат дека лажната страница и содржината што ја споделува веќе се пријавени на Фејсбук како измама, како и дека ЈСП „Скопје“ ќе преземе соодветни мерки согласно законските прописи по целосна анализа на случајот.

Принтскрин од објавата на ЈСП „Скопје“

Инаку, ова не е првпат да се злоупотребува логотипот на ЈСП „Скопје“ и да се шират информации за наводен бесплатен јавен превоз.

Речиси идентичен случај Јавното претријатие пријави во февруари оваа година, како и во октомври, лани.

Во февруари од ЈСП соопштија дека фејсбук-профил со името „Јавен превоз Скопје“, како и во најновниот случај, шири лажна вест за продажба на картички „Скопска“, кои за симболична цена од 145 денари овозможуваат бесплатен превоз низ градот од секаков вид.,

Во октомври, минатата година, лажна вест со фалсифувано лого на ЈСП „Скопје“ на социјалните мрежи ширеше група  наречена „Карта за јавен превоз на Скопје“.

Тогаш од Јавното претпријатие соопштија дека се работи за измама со лажен линк што краде податоци од платежните картички на граѓаните.

Back to top button
Close