На Форум на НАТО потпишани договори за оружје во вредност од најмалку 50 милијарди долари


На денешниот Форум на НАТО за одбранбена индустрија во Анкара, што се одржа пред Самитот на Алијансата, беа потпишани нови договори во вредност од најмалку 50 милијарди долари, изјави неименуван извор.

На Форумот беа објавени големи договори за оружје во вредност од десетици милијарди долари, a gенералниот секретар на НАТО, Марк Руте, објави серија иницијативи.

– Можеме да постигнеме повеќе кога го правиме тоа заедно. И мора да направиме повеќе. Сојузниците на НАТО се приклучуваат кон нови мултинационални иницијативи за заедничко купување воена опрема. Ова ќе ни помогне да обезбедиме повеќе од капацитетите што ни се потребни во различни области, посочи Руте.

Тој додаде дека сојузниците на НАТО ќе инвестираат повеќе од 40 милијарди долари во следните пет години во капацитетите за борба против беспилотните летала.

Засега објавени договори се со: СААБ, „Локхид Мартин“, „Рајнментал“, „Нортромп Груман“, „Ербас“, „Изар ероспејс“.

Шведскиот производител на одбранбена опрема СААБ соопшти дека НАТО ќе почне формални преговори за набавка на 10 авиони за рано предупредување и контрола „Глобалај“ (GlobalEye). Главниот извршен директор на СААБ, Микаел Јохансон изјави дека компанијата би можела да почне со испораки уште во 2030 година, со конечна цена од 400 до 450 милиони долари по авион.

Американската компанија „Локхид Мартин“ (Lockheed Martin) и германската фирма „Рајнментал“ (Rheinmetall) денеска потпишаа Меморандум за разбирање за заедничко производство на ракети АТАЦМС во Германија. Тоа ќе биде прво производство на балистичката ракета со краток дострел надвор од САД.

Руте најави дека сојузниците во алијансата ќе купат до пет беспилотни летала за извидување на голема надморска височина „МКју04Ц Трајтон“ (MQ-4 C Triton) од американската компанија „Нортроп Груман“ (Northrop Grumman). Норвешка, Финска, Германија и Данска потпишаа писмо за намера за купување.

Генералниот секретар најави и дека НАТО ќе создаде стратешка флота од транспортни авиони „Ербас A400M“ (Airbus) и ќе додаде уште еден авион на својата постоечка флота од повеќенаменски авиони A330 MRTT за полнење гориво во воздух и транспорт.

Германската компанија „Изар ероспејс“ (Isar Aerospace) потпиша договор со канадската фирма „Маритајм лонч сервисис“ (Maritime Launch Services) за пристап до инфраструктурата и услугите на космодромот Нова Шкотска, што ќе ја подобри нејзината подготвеност за лансирање товар во орбитата.

Back to top button
Close