Најголем дел од парите од унгарскиот кредит општините ќе ги трошат за патна инфраструктура
Заклучно со податоците стигнати до вчера, 17 општини воопшто не поднеле апликација на вториот јавен повик на Владата за поддршка на инфраструктурни проекти. Станува збор за општините Сарај, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Липково, Пробиштип, Валандово, Росоман, Боговиње, Врапчиште, Маврово-Ростуше, Теарце, Дебар, Струга, Битола, Крушево и Долнени
Во архивата на Министерството за локална самоуправа заклучно со вчерашниот ден пристигнале вкупно 450 апликации од 63 општини за вториот јавен повик за поддршка на инфраструктурни проекти на Владата со пари од унгарскиот кредит.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински на денешната прес-конференција во Владата / Фото: Принтскрин
Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за локална самоуправа, Златко Перински, информирајќи за текот на апликативната фаза на вториот јавен повик, кој завршува следната недела, односно на 30 април.
Како што стојат бројките досега, и ако нема промени до 30 април, помал е бројот на општини кои поднеле апликативен формулар на вториот повик за ифранструктирни проекти, за кој Владата одвои 15 милијарди денари или 250 милиони евра, во однос на претходниот јавен повик.
Имено, заклучно со податоците стигнати до вчера, 17 општини воопшто не поднеле апликација.
„Заклучно со 23 април 2025 година во архивата на Министерството за локална самоуправа доставени се вкупно 450 апликативни формулари од 63 општини. Од нив 36 општини аплицирале со проекти во вредност од максимумот на финансиски средства кои им следуваат согласно формулата по глава на жител, 27 имаат можност да аплицираат со уште проекти до максимум предвидената сума, а 17 општини воопшто немаат поднесено апликативни формулари“рече Перински на прес-конференцијата.
Сарај, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Липково, Пробиштип, Валандово, Росоман, Боговиње, Врапчиште, Маврово-Ростуше, Теарце, Дебар, Струга, Битола, Крушево и Долнени, се општините кои не поднеле апликативни формулари за добивање средства од Владината програма за поддршка на општините.
Во таа насока, тој упати апел до сите локални самоуправи, односно општини да ја искористат можноста и да го запазат законски предвидениот рок за пријавување, кој согласно одлуката на Владата завршува на 30 април 2025 година.
„Сакам да нагласам дека оваа програма претставува клучен чекор во трансфорамцијата на локалните самоуправи и целокупниот развој на државата. Владата со конкретни мерки и дела покажува дека е безрезервен партнер на сите општини, со силна посветеност за остварување на овие цели. Со заедничка и координирана работа можеме да изградиме понапредна инфраструктура што ќе создаде подобрени услови за живот од повеќе аспекти“,рече министерот.
Исходот од првиот јавен повик, како што кажа тој, потврдил дека оваа проиграма не е само терорија, туку „практичен механизам за промените коишто се случуваат на терен“
Одговарајќи на новинарско прашање за што може да се потрошат парите од јавниот повик, Перински рече дека првиот повик, но и досега пристигнатите апликации за вториот јавен оповик покажуваат дека најголем интерес во општините има за подобрување на патната инфраструктура.
„Поучени од првиот јавен повик веќе се покажа на терен дека најголемиот интерес од страна на локалните самоуправи се однесува на подобрување на патната инфраструктура. Од првиот јавен повик од 288 проекти, 225 се однесуваат на подобрување на патната инфраструктура и се реализираат преку Министерството за транспорт, а според информациите што ги добиваме од вториот јавен повик, исто така и во овој повик фокусот на локалните самоуправи во најголем дел се однесува на подобрување на патната инфраструктура“кажа Перински.
Како што додаде, од досегашните 450 апликативни формулари кои што пристигнале до вчера, повеќе од 330 проекти се за патна инфраструктура.
Прашан дали има и друг вид на проекти, освен за патишта, министерот рече дека апсолутно има и се однесуваат на животната средина, изградба на училишта, градинки и спортски сали.
Во врска со реализацијата на проектите од првиот јавен повик, односно колку од нив се започнати, колку се рализирани и дали има временска рамка до кога треба да тие да финишираат, Перински рече дека во тој на општините им било оставено да одлучуваат за роковите за изведба на проектите.
„Оваа Влада им даде тотална автономија на локалните самоуправи во делот на имплементација на проектите и роковите за изведба практично ги одредуваат самите локални самоуправи при тендерските постапки и ги опфаќаа во договорите коишто ги склучуваа со изведувачите и за роковите за изведба препоставувам самите локални самоуправи ќе треба да се изјаснат, бидејќи секој проект е различен и по обем и по вредност“рече министерот.
Како што прецизира тој, од првиот јавен повик 251 проект се со склучен договор, 140 се веќе воведени во работа, 30 се целосно завршени, 33 проекти се во постапка на тендерирање за избор на изведувач и само четири немаат отпочнато постапка.
За кои проекти и во кои општини станува збор, Перински рече дека во моментов ги нема тие податоци, но кажа дека постапките во дел од овие случаи не биле почнати затоа што биле поништени тендерските постапки.
„Дел од овие четири имаа отворено тендерска која се поништи заради одредени фактори и повторно треба да се реобнови, не е дека има некакви правни или законски бариери во насока на спроведување и реализација на проектите. Секако дека ќе ги реобноват локалните самоуправи и ќе си склучат договор“рече министерот.
За постетување на првиот јавен повик, кој беше објавен во септември лани, одбрени беа вкупно 288 проекти на 78 општини. Вкупната вредност на проектите е околу 75 милиони евра.