На Грција ѝ се потребни, но не ги сака мигрантите
Херојот на ова лето во Грција се вика Гога Левиан. Овој 41-годишник од Албанија на 10 јуни скокнал во реката Арахтос за да спаси двајца момчиња кои се давеле. Ги извлекол од вода од длабочина од осум метри. За ова херојско дело награден е со грчко државјанство.
Но, се поставува прашањето – зошто тоа не го добил одамна? Зашто „Лео“, како што го викаат во селото Неохори кај Арта каде што живее и работи во Грција веќе 24 години. Тука и се оженил, неговите деца имаат десет и шест години, родени се во Грција и одат на училиште во истото село.
И покрај тоа, Лео секои три години мора да ја обновува дозволата за престој, да чека редици во имиграциската служба и да губи време, пари и нерви – исто како стотици илјади мигранти кои живеат и работат во Грција со децении.
Грците тоа добро треба да го знаат: дедовците на многу Грци биле бегалци, а родителите – гастарбајтери низ западна Европа. Но, и покрај тоа историско искуство со миграции и егзил, интеграционата политика во Грција е непознат поим. Ниту една влада во Атина во последните 30 години не успеала долгорочно да го регулира статусот за престој на доселениците.
Никој не треба да дојде во Грција
Особено сегашната конзервативна влада на Киријакос Мицотакис се претставува како строга и бескомпромисна кон бегалците и доселениците – што е моментален тренд низ цела Европа.

Поранешниот министер за миграции, Димитрис Керидис, кој беше на функцијата само една година, во 2023 се обиде да го ублажи законот. Овозможи тригодишна дозвола за престој и на оние кои не влегле легално во земјата, но работеле таму три години. Но, неговиот наследник, сегашниот министер Макис Воридис – познат по своето екстремно десничарско минато – ја укина таа мерка во 2025 година.
Воридис се претставува како борец против нелегалната миграција и бранител на границите. Тој се спротивставува на плановите на германската влада да врати мигранти кои влегле во ЕУ преку трети земји како Грција, па продолжиле во Германија – или на идејата да им се забрани влез на нови. А, станува збор за 30 до 40 илјади луѓе, главно млади мажи кои многу ѝ се потребни на Грција.
Примерот на Шпанија
Грчките претприемачи – особено во туризмот, градежништвото и земјоделството – очајно имаат потреба од работници. Многу бегалци, вклучително и оние спасени по бродоломот кај Пилос во 2023, денес работат на градилиштата на поранешниот аеродром во Атина, каде се спроведува голем градежен проект што постојано бара нова работна сила.

Поради тоа, гувернерот на грчката централна банка предупредува на погрешните одлуки во миграциската политика. Јанис Стурнарас е уверен дека доселувањето е клучно за опстанокот на грчкото општество:
„Во време кога стареењето на населението и недостигот од работна сила ја загрозуваат економската стабилност и општествената кохезија, мигрантите можат да ги пополнат празнините и да ги зајакнат како традиционалните сектори, така и новите индустрии“, напиша на 6 јуни во весникот Та Неа.
Стурнарас се восхитува на шпанскиот пример – земја со една од најбрзите стапки на раст на БДП во ЕУ. Владата на Шпанија планира до 2027 да ја олесни легализацијата на престојот за дури 900.000 мигранти, со што – според гувернерот – се признава нивниот придонес во зачувувањето и развојот на општественото и економската благосостојба.
„Нека си заминат понатаму!“
Грчкиот проблем не е премногу, туку премалку доселување, смета и тој експерт. Сепак, ништо не се прави за да се задржат и интегрираат бегалците и веќе присутните работници. Напротив – владата е среќна кога луѓето заминуваат кон запад и на северот на Европа.
Лефтерис Папагијанакис, шеф на Грчкиот совет за бегалци и поранешен заменик-градоначалник на Атина за прашања на миграција, за ДВ изјави: „Владата тврди: ‘Што да правиме? Луѓето сакаат да одат во Германија, таму добиваат повеќе’. И заминуваат легално, со патни документи“. Но, тој таквиот став го смета за неприфатлив: „Тоа е смешен аргумент. Треба да ги прашаме грчките власти: ‘Дали им понудивте на тие луѓе каква било причина да останат во Грција?’ Одговорот е негативен“.
Дури ни програмата ХЕЛИОС за сместување и интеграција на бегалци признати од државата, финансирана од Европската комисија, моментално не функционира, вели Папагијанакис.
Шефот на Советот за бегалци е згрозен од ставот на министерот Воридис за интеграцијата на мигрантите и бегалците:
„Тој никогаш не зборува за интеграција – овој збор го изговори само еднаш во парламентот, и тоа за да каже дека интеграцијата пропаднала. Очигледно мисли на други земји, бидејќи во Грција всушност немаме ни интеграциски програми“.

Чекање до лудило во грчката бирократија
А, токму на Грција ѝ се потребни доселеници. Моментално, на пазарот на труд ѝ недостигаат повеќе од 200.000 работници. Но, бројот на мигранти во земјата во последните десет години драстично опаднал. Така, на пример, бројот на Албанци – најуспешно интегрираната група – се преполовил: од 700.000 на 350.000.
Една од причините е бавната бирократија што им го отежнува животот на мигрантите. Моментално, дури 300.000 барања од легални доселеници чекаат за продолжување или издавање на дозвола за престој.
Воридис со најавениот, уште порестриктивен закон, сака дополнително да ги заостри правилата. Планира да го укине законот од 2014 (од владата на Антонис Самарас), кој овозможуваше легализација на престој за мигранти што поминале најмалку седум години во Грција.
Министерот сака да го криминализира нелегалниот престој и да воведе казни до пет години затвор. Но, на прв поглед, тоа е целосно неизводливо. Зашто според податоците на Воридис, минатата година полицијата уапсила 74.000 нелегални доселеници – и потоа повторно ги пуштила, бидејќи нелегалниот престој не бил кривично дело.
Ако законот се смени и самото присуство во земјата стане кривично дело – во кои затвори треба да се пратат тие луѓе? Грчкиот затворски систем има капацитет за 12.000 лица и веќе е пренатрупан. (Dw)