На Груби му се заканува казна до 10 години затвор, ако го обвинат и ако се докаже делото

Тео Блажевски/ Вистиномер

Ваквите санкции се наведени во Кривичниот законик (КЗ) за Проневера во службата, дело за кое се сомничи поранешниот вицепремиер Артан Груби. Но, за да се зборува за казните, најпрво на Груби треба да му се покрене обвинителен акт, а потоа во судски процес обвинителството да го докаже случајот

Откако поранешниот вицепремиер Артан Груби денеска беше уапсен на македонско косовската граница на преминот Блаце, во јавноста се јавуваат разногласија за тоа дали се предал или бил уапсен, зошто сега и што ќе се случува натаму со Груби и отворени дебати меѓу најголемите политички партии. Поради тоа упатно е да се знаат неколку факти околу случајот.

 

 

Груби сè уште не е обвинет

Прв важен факт е дека за Груби сè уште нема обвинение, туку тој е осомничен. Тој ја напушти земјата, т.е. избега, во рамки на веќе започната истрага од страна на надлежното јавно обвинителство околу злоупотреби поврзани со Државната лотарија, извршени заедно со поранешниот директор Перпарим Бајрами, кој се уште е во бегство. Откако МВР поднесе кривична пријава за повеќе лица – 8, а ЈО прифати за 6, Груби ја напушти земјата. И соопштувањето на кривичната пријава и бегството се случуваа на 16 декември 2024 г. Неколку часа подоцна по наредба од ЈО, МВР за Груби и Бајрами распиша национална, а потоа и меѓународна потерница. Потерницата беше распишана откако во рамки на истрагата полицијата изврши претрес на повеќе локации, а при претресот не ги пронајде во своите домови ниту Груби ниту Бајрами.

Самото бегство и начинот на кој го поминал граничниот премин Блаце, долго време потоа беше жешка тема на политичка дебата во јавноста, а Груби преку својот профил на Фејсбук првиот ден тврдеше дека не избегал туку дека е во посета на Косово и дека ќе се врати во земјата.

По распишувањето на меѓународната потерница, Кривичниот суд го прифати и барањето на обвинителството за одредување на 30 дена притвор за двајцата.

По добиено известување од надлежното МВР, дека двете лица за кои јавното обвинителство предложи мерка притвор од нивно пронаоѓање односно лишување од слобода, а поврзани со истрагата за Државна лотарија, се недостапни за органите на прогон, донесе решенија да го прифати предлогот на јавното обвинителство и им определи мерка притвор од траење од 30 дена, соопшти Кривичниот суд на 17 декември.

 

За што се бараат осомничените?

Иако во кривичната пријава на МВР за Бајрами, за Груби и другите лица се наведуваа повеќе дела (злоупотреба на службената положба и овластување, примање поткуп и злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство), во распишаната меѓународна потерница, се наведува дека се бараат за едно кривично дело: Проневера во службата, нормирано со членот 354 во Кривичниот законик. Еве ги одредбите од член 354 кои се наведени во потерницата:

 

Проневера во службата

Член 354

(1) Службено лице кое со намера да прибави за себе или за друг противправна имотна корист ќе присвои пари, хартии од вредност или други подвижни предмети доверени во службата, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

(2) Ако сторителот на делото од став 1 прибавил поголема имотна корист, ќе се казни со затвор од една до десет години.

(3) Ако сторителот на делото од став 1 прибавил значителна имотна корист, ќе се казни со затвор најмалку четири години.

(4) Со казната од ставовите (1), (2) и (3) на овој член ќе се казни и одговорно лице, одговорно лице во странско правно лице кое има претставништво во Република Македонија или лице кое врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото посебно овластување или должност, определено со закон.

За осомничените е наведен и член 22 од КЗ кој го нормира кривичното дело Соизвршителство, а за санкциите се упатува на конкретно кривично дело, овој пат тоа 354, Проневера во службата.

Како што може да се види од одредбите од членот 354, на Груби (и на Бајрами), му се заканува затвор до 10 години, доколку Јавното обвинителство остане на намерата да подигне обвинение за овој член и доколку успее да го докаже кривичното дело во судскиот процес. Минималната казна е шест месеци, но доколку се докаже дека осомничениот, т.е. обвинетиот, прибавил поголема имотна корист запретената казна е од една до 10 години затвор, а доколку станува збор за значителна имотна корист, тогаш казната е најмалку 4 години. Малверзациите, т.е. штетатата во крвичната пријава беше наведена на над 8 милиони евра.

Само неколку дена пред да почне постапката за Груби, на 9 декември 2024 г., тој и поранешниот судија Енвер Беџети беа ставени на американската „црна листа“ поради „значителна корупција“ и други причини.

Back to top button
Close