На иницијатива на МОН, формирана интердисциплинарна комисија за случајот со третоодделенецот од ОУ „Лазо Ангеловски

На иницијатива на Министерството за образование и наука (МОН) формирана е интердисциплинарна комисија во врска со случајот со третоодделенецот од Основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје кој требаше да биде префрлен во Основното училиште „11 октомври“.

Комисијата, како што посочуваат од МОН, треба да го разгледа случајот и да донесе мерки што ќе бидат во интерес и на ученикот и на сите инволвирани.

“Формирана интердисциплинарна комисија составена од претставници на Министерството, Бирото за развој на образованието, општината, училиштето и социјалните служби, која се состанува за разгледување и преземање соодветно мерки и активности согласно законската регулатива, во чиј фокус се најдобрите интереси на ученикот, но и на сите инволвирани“, велат од МОН.

Третоодделенецот, од чие однесување се жалат родители од ОУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче требаше да биде префрлен во ОУ „11 Октомври“ во Центар. Родителите на учениците од „11 Октомври“ ја бојкотираа наставата, а по повлекување на одлуката и негово враќање во „Лазо Ангеловски“, денеска празно остана и ова училиште. Министерката за образование и наука Весна Јаневска вчера изјави дека случајот добил преголема, непотребна и донекаде, како што рече, неправедна јавност, обем и јавна дискусија.

Back to top button
Close