На историскиот „референдум“ на 19 октомври, Албанците ќе одлучуваат за враќање на достоинството, рече Адеми
Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми, на денешната прес-конференција во штаб на партијата, изјави дека претстојната недела ќе биде клучна во изборната кампања пред, како што го нарече, историскиот референдум на 19 октомври. Според него, на денот на изборите, Албанците ќе одлучуваат за враќање на достоинството, еднаквоста и за понатамошен политички и општествен напредок.
Адеми кажа дека гласањето нема да биде обичен политички процес, туку референдум на кој народот ќе ја изрази својата волја против, како што рече, опасните политички платформи кои имаат асимилирачки цели, а дополнително целат и кон ревизија на колективните права на Албанците. Потпретседателот на ДУИ порача дека Албанците нема да дозволат да бидат избришани од политичката сцена, ниту да бидат маргинализирани или исклучени од јавниот живот.
„Денот на референдумот е ден на враќањето на достоинството, ден кога Албанците се обединуваат за силно политичко претставување и за самостојно одлучување за својата иднина,“ кажа Адеми.
Адеми нагласи дека денот на изборите ќе биде симбол на народното единство и решителност за заштита на правата и идентитетот и оти преку „референдумот“, Албанците ќе испратат јасна порака дека самите ја одредуваат својата политичка судбина и дека нема да прифатат никакви обиди за нивна контрола или потценување.
„Овој референдум е израз на народната сила и демонстрација на нашата решителност да ги заштитиме нашите права и нашата иднина,“ заклучи тој.
Извор : 360stepeni.mk