На Македонија и треба водство а не референдум

Македонската држава ќе биде виновна ако запре процесот на пристапување, вели претставникот на ЕУ во земјава. Зошто би запрел? Затоа што дел од македонските политичари и интелектуалци, неуки и без искуство во државничките работи,  не разбираат дека, како и во животот, и во меѓународната политика нема гаранции  какви што посакуваат. Има само прилики, шанси. Само што ни се укажа прилика да се зафатиме со сериозна работа во исполнување на критериумите за членство, решивме да го проблематизираме целиот процес со референдум.

На Македонија не и треба референдум туку водство кое може да произведе европска промена. Референдумот, како форма на директна демократија, само го поткопува толку потребното политичко водство во Македонија. На Балканот,  особено за темата како што е нашата, ставање на големи политички одлуки директно пред гласачите значи само несреќа. Каков исход се очекува од референдум против „францускиот предлог“ кога се знае дека поголемиот  број гласачи го отфрлаат?

Опозицијата бара референдум по теркот на претседателот на републиката, изјавува водачот на партијата на македонските националисти. Тоа е манипулација, одговара претседателот по неколкудневен молк кој внесе забуна во јавноста за причините кои го натерале да ја даде оваа невнимателна изјава. Сега, кога падна зборот, да се биде на линија на размислувањето на претседателот може да значи дека опозициската партија би ја прифатила и неговата формулација за референдумското прашање : Дали сакате Република Северна Македонија да биде членка на ЕУ? Претседателот е сигурен дека со вака јасно формулирано прашање про-европската коалиција ќе ја победи анти-европската политика составена од ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Но што е сигурно во политиката? Свесен за тој факт, тој додава: ако не биде така, „сите ние кои сме на ова место ќе се повлечеме“… Сите? Мислам дека, доколку дојде до референдумско изјаснување, делумно и по вина на претседателот, доволно е тој да ја понуди својата оставка. Со тој чин ќе даде силна поддршка на владата која целосно ја отфрла идејата за референдум и се определува да води користејќи ги инструментите на претставничката демократија.

Страшен е бранот на незадоволство кон ЕУ  на кој треба да му се спротистави македонскиот политичар или интлектуалец. Бранот го сочинуваат, покрај мнозинството од народот, опозицијата и  некогашни претседатели и високи партиски функционери дури и од самата партија на власт, интелектуалци од МАНУ и универзитетите, уредници на медиуми, невладини организации финансирани од фондови на ЕУ и кој се не. Сите тие, заедно со генијалниот пијанист Симон Трпчевски кој некни во една скромна народна интерпретација го повика македонскиот народ  да се свести и да не спие, како да имаат една зaедничка порака: државата да не потклекнува под меѓународни притисоци, да го одложи почетокот на преговорите  и да чека време кога „достоинствено“ ќе бидеме примени во Унијата. Кога само би ја разбирале вистинската природа на меѓународната политика би се размислиле барем два пати пред да изгуворат ваква глупост. Или, кога само би имале работа со Путин а не со ван дер Лејен, многу бргу би виделе што е „достоинство“. Доволно е внимателно да ја следат руската агресија во Украина за да разберат дека на меѓународната сцена владеат законите на Дарвин за опстанок на најсилните и најспособните. Лично, гледајќи ја на ТВ екранот војната во Украина, имам чувство дека следам една од оние епизоди на „Нешанал Џеографикс“ кога лавот ја растргнува антилопата на парчиња. Само што, во случајов, една држава растргннува друга а ние беспомошно и немо гледаме.

Не знам како ќе заврши иницијативата со референдумот ама сметам дека е тоа многу лоша идеја, со било кое референдумско прашње. Триесет години од прогласувањето на независноста предолго отсуствува секојдневно водство во разбирање и решавање на тешките меѓународни односи, прво со Грција сега со Бугарија. Водство кое ќе ги просветли умовите на луѓето загадени со историја, со омраза, со супремација, со сомнежи, со страв, за сега, на референдум, да се праша тој ист народ како натаму. Не сакам тешки зборови ама, референдумски резултат кој ќе го сопре нашите преговори со ЕУ, е рецепт за катастрофа. Зашто, државата може да ја сочуваме само ако се менуваме и ако конечно фатиме чекор со Европа и со светот. Без држава нема ни јазик ни нација.За таа висока цел вреди да се послуша советот на холандскиот амбасадор во Скопје до оние во земјата кои  не ја разбираат правата природа на меѓународната политика: „Затнете го носот, голтнете го францускиуот предлог и чекорете напред“. Пред да му го тргнат микрофонот, прагматичниот холанѓанец предложи низ преговорите и со финансиака поддршка од  Унијата, со свои раце и ум да направиме Швајцарија од нашата држава, па за седум, осум години, да одбиеме да влеземе во ЕУ ако не сакаме. Неговите зборови ме потсетија на разговор со Ханс ван ден Брук пред триесет години, кога холандскиот министер за надворешни работи ми рече: „Знаете, ние како нација на производители и трговци со сирење, би нашле компромис  со Грција“. Каде ли му беше гордоста кога вака се изрази за сопствениот идентитет? Во способноста да се шегува на своја сметка и на сметка на својата нација.

Денко Малески

 

 

 

Back to top button
Close