Најмалку 11 повредени на двете страни по уште една рунда воздушни напади меѓу Русија и Украина
И покрај интензивните договарања и планови за организирање втора рунда преговори за ставање крај на војната во Украина, борбите меѓу двете земји продолжија и во текот на ноќта. Русите изведоа уште еден напад врз украинскиот пограничен регион Суми, додека Укранците го нападнаа Курскиот регион.
Русија изврши воздушен напад врз станбена зона и уништи магацини, при што е повредено најмалку едно лице, соопшти утрово регионалната воена администрација на Сумскиот регион.
Експлозии беа пријавени и во текот на ноќта во регионите Харков и Доњецк, како и во областа околу градовите Николаев и Виница.
Најмалку 10 лица се повредени во рускиот Курски регион по воздушните напади со украински беспилотни летала, јавија руските медиуми, повикувајќи се на локалната регионална администрација.
Оштетени се неколку станбени згради во регионот.
ДПА пренесува дека тврдењата на двете страни не можат да бидат потврдени од независни извори.
Руското раководство за понеделник закажа втора рунда преговори во Истанбул, но неговите услови за прекин на огнот, како што ги изнесе рускиот амбасадор во Обединетите нации, за шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха се неприфатливи, нарекувајќи ја официјална Москва арогантна и неинформирана.
-Ова е шлаканица од Русија за сите кои се залагаат за мир, рече тој за руските барања.
„Тие не разбираат нормален став или дипломатски јазик; време е да им се зборува на јазикот на санкциите и зголемената поддршка за Украина“, рече Сибиха.