Најмалку 32 јеменски војници убиени во неодамнешен сепаратистички напад

Најмалку 32 владини војници беа убиени во неодамнешен напад на сепаратистичка група во источен Јемен, соопшти денеска армијата.

Минатата недела избувнаа борби меѓу силите лојални на сепаратистичкиот Јужен преоден совет (СТЦ), кој е поддржан од Обединетите Арапски Емирати, и владата поддржана од Саудиска Арабија, поттикнувајќи стравувања од понатамошни поделби во осиромашената земја.

СТЦ соопшти дека неговите сили зазеле огромни делови од провинциите Хадрамаут и ал-Махра, кои заедно сочинуваат околу половина од Јемен, предизвикувајќи локални и меѓународни повици за смиреност.

Армијата на меѓународно признатата влада денеска соопшти дека уште 45 војници се повредени и дека неодреден број воени лица сè уште се водат како исчезнати по нападот во источната провинција Хадрамаут.

Не беше даден конкретен датум за нападот, но се верува дека е извршен претходно овој месец.

Армијата соопшти дека нападот немал „никакви законски или легитимни оправдувања“ и дека имал за цел да ја дестабилизира покраината богата со нафта.

СТЦ и владата се сојузници со години во борбата против бунтовниците Хути. Сепак, СТЦ постојано му се спротивставува на својот партнер за да контролира поголеми области и да ги собира луѓето за да бараат отцепување на јужниот регион на земјата.

Јемен беше поделен помеѓу 1967 година до неговото обединување во 1990 година.

Земјата е вовлечена во разорна борба за власт од 2014 година помеѓу владините сили, поддржани од сојуз предводен од Саудиска Арабија, и бунтовниците Хути поврзани со Иран.

Хутите контролираат големи делови од територијата на север, вклучувајќи го и главниот град Сана.

Back to top button
Close