Најмалку 32 лица загинати во поплавите во индиски Џаму и Кашмир, околу 50 се уште се водат за исчезнати
Бројот на жртви од катастрофалните поплави во индискиот дел на Кашмир денеска се зголеми на најмалку 32, а околу 100 лица се спасени, објавија индиските власти.
Американските медиуми го цитираат високо рангираниот функционер за управување со катастрофи, Мохамед Иршад, кој изјави дека првичните проценки укажуваат дека најмалку 50 лица се уште се водат за исчезнати.
Претходно денеска беше објавено дека најмалку 12 лица загинале, а повеќе се водат за исчезнати откако ненадејните обилни дождови ја погодија областа Часоти, во округот Киштвар, во Џаму и Кашмир.
Дождовната бура го погоди оддалеченото село Чосити во округот Киштвар, каде што луѓето се собраа на годишно поклонение во оддалечен хиндуистички храм. Селото е последната станица за патување со возило на патот до светилиштето Мачаил Мата, јавува ДПА.
Поклонението е прекинато и властите се фокусираат на спасувачките операции, изјави Панкаџ Шарма, заменик-комесар на округот Киштвар.
Локални владини извори изјавија дека бројот на жртви може да се зголеми, бидејќи се стравува дека повеќе луѓе се заробени во урнатините или се однесени од нив.
Федералниот министер и пратеник од регионот, Џитендра Синг, напиша на X: „Огромен пролом на облак во областа Чосити, што може да резултира со значителни жртви“.
Лошото време и оддалеченоста на местото на катастрофата ги комплицираа спасувачките операции. Единици на Националните сили за одговор при катастрофи (НДРФ) и армијата се на пат кон местото, објави новинскиот канал НТДВ.
Снимките од Чосити покажаа наплив на вода, оштетени домови и возила, како и остатоци од кал и карпи. Надојдените води ги однесоа привремените кујни со шатори поставени за аџиите, објави НТДВ.
Сезонските монсунски дождови во Индија од јуни до септември се клучни за земјоделците, но честопати оставаат смртоносна трага и уништување, потсетува германската агенција.
Според Индискиот метеоролошки оддел, станува збор за пролом на облак, феномен во кој повеќе од 100 милиметри дожд паѓаат за помалку од еден час, честопати предизвикувајќи ненадејни поплави и лизгање на земјиштето во планинските области за време на периодот на монсуните.