Најмалку 32 жртви по синоќешните напади на Израел во Газа
Додека Доналд Трамп најавува решение на кризата во Газа, додека Турција прави дипломатски напори преку фудбалот да се санкционира Израел и додека некои европски лидери постојано декларираат дека Израел го крши меѓународното право, синоќа најмалку 32 луѓе загинаа при израелски напади.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во обраќањето пред Генералното собрание на Обединети нации изјави дека Израел „треба да го заврши тоа што го почна“ против Хамас.
Израелската армија на 16 септември почна голема офанзива врз градот Газа, со цел да го уништи последниот голем бастион на Хамас.
Хуманитарните организации тврдат дека по интензивираните израелски напади градот Газа го напуштиле повеќе од 300.000 луѓе, но 700.000 не се во можност да заминат.
Во меѓувреме меѓународната хуманитарна организација „Лекари без граници“ соопшти дека ги прекинува своите основни медицински активности во областа поради брзо влошената безбедносна ситуација.
„Ескалирачките напади од страна на израелските сили создадоа неприфатливо ниво на ризик за нашиот персонал, принудувајќи нè да ги прекинеме медицинските активности што спасуваат животи“,
соопшти невладината организација, додавајќи дека израелските воздушни напади и напредните тенкови се на помалку од еден километар од нејзините здравствени установи.