Најмалку 64 загинати во израелски напади ширум Либан

Најмалку 64 лица загинаа и 142 се ранети во денешните израелски напади врз Бејрут и други делови на Либан, соопштија локалните власти.
Израелските воздушни напади го погодија централниот дел на Бејрут, убивајќи најмалку четири лица, додека растат стравувањата од израелска копнена офанзива во Либан, пренесе ДПА.
Либанските медиуми прикажаа неколку уништени ката од станбена зграда во главниот град. Министерството за здравство соопшти дека четири други лица се повредени во нападот.
Во меѓувреме, силни напади погодија различни области во јужен и источен Либан, предизвикувајќи значителни жртви и обемна материјална штета.
Според Министерството за здравство, вкупниот број на загинати откако почна насилството минатата недела достигна 634 мртви и 1.586 ранети.
Израелската војска во соопштение наведе дека извршила напади во јужните предградија на Бејрут, Дахије, таргетирајќи ги командните центри и складиштата за оружје на милицијата Хезболах, поддржана од Иран.
Либанската национална новинска агенција (ННА) јави дека нападите исто така продолжиле на југот на земјата и во источната долина Бека, каде што официјалните лица соопштија дека најмалку 14 лица загинале, а 29 други се повредени.
Хезболах соопшти дека синоќа и во текот на ноќта неколку пати ги нападнал израелските трупи во јужен Либан со ракети.






