Најмалку четири лица загинаа во нападот врз Мормонската црква во Мичиген

Во вооружениот инцидент во Гранд Блан, во американската сојузна држава Мичиген, кога напаѓачот со возило влета во Мормонска црква, отвори оган врз верниците и ја запали црквата, загинаа најмалку четири луѓе, а повредени се осум.

Напаѓачот, кој е идентификуван како Томас Џејков Санфорд, е елиминиран во престрелка со полицијата. Тој бил воен ветеран, кој од 2004 до 2008 година бил на мисија во Ирак. Санфорд бил жител на блискиот град Бартон.

Првично полицијата соопшти за двајца загинати, а неколку часа по пукањето во остатоците од црквата пронајдени се уште две жртви..

Друг 40-годишен маринец ветеран кој служел во Ирак, е осомничен за пукање во Северна Каролина во кое загинаа три лица, а петмина беа ранети помалку од 14 часа пред инцидентот во Мичиген. Полицијата во Саутпорт, Северна Каролина, го обвини Најџел Макс Еџ кој од брод отворил оган врз кафуле на брегот.

Претседателот на САД, Доналд Трамп синоќа го осуди нападот во Мичиген оценувајќи го како „уште еден целен напад врз христијаните“.

– Осомничениот е мртов, но сè уште има многу да се научи. Се чини дека ова е уште еден целен напад врз христијаните во САД, објави Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушал“ (Truth Social).

Тој додаде дека „мора веднаш да заврши епидемијата на насилство во земјата“.

Нападот во Мичиген е 324-то масовно пукање во САД, според Архивата за насилство со оружје (Gun Violence Archive).

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close