Најмалку четворица пожарникари се повредени во пожарот во фабриката “Макпрогрес”
Битката со огнената стихија во фабриката „Макпрогрес“ во Виница вечерва доби драматичен тек, откако најмалку четворица пожарникари се повредени за време на интервенцијата.
Според првичните неофицијални информации од терен, пожарникарите се здобиле со повреди откако се заглавиле во стопен шеќер што истекувал од погоните на „Винчини“, објави 4NEWS.mk
Вистинска драма се одвивала кога пожарникари од Штип, Кочани и Свети Николе, кои влегле во жариштето на пожарот, останале заглавени во лепливата, жешка смеса. Според извори од терен, нивната соодветна заштитна опрема спречила уште потешки последици.
Во хаотичната акција за спасување, неофицијално, повредени се и дел од пожарникарите кои се обидувале да ги извлечат своите заглавени колеги.
На местото на несреќата, освен големиот број противпожарни возила, присутни се и повеќе амбулантни и полициски екипи кои помагаат во справувањето со состојбата и асистираат на повредените. Пожарот во фабриката сè уште е активен.