Најмалку три лица загинаа во американски напад кај Ахваз во Иран


Најмалку три лица загинаа, а повеќе се ранети во американски напад на периферијата на иранскиот град Ахваз, пренесе агенцијата Ирна.

Заменик-гувернерот на провинцијата Хузестан за безбедност и спроведување на законот, Валиолах Хајати, изјави дека „израелско-американскиот режим“ рано утринава гаѓал локација на периферијата на Ахваз, наведувајќи дека спасувачките и медицинските екипи се упатени на терен, пренесе Ал Џезира.

Иранските медиуми пренесоа дека експлозии се регистрирани и во Бандар Абас, Бушер, Чабахар, Конарак, Ираншар, Сирик, Џаск, на островите Абу Муса и Кешм, како и во Акала.

Според наводите на државните медиуми, во Ираншар е погоден аеродромски објект, при што загинал најмалку еден пожарникар, додека повеќе лица се повредени. Во Чабахар се погодени два дока, контролна кула за поморски сообраќај и складишен објект, додека болницата „Имам Али“ е оштетена од шрапнели. Градот останал и без електрична енергија по оштетувањето на повеќе далноводи.

Во источна Акала е погоден железничкиот мост Ак Текех Кан, додека властите во Бушер соопштија дека нуклеарната централа во тој град не претрпела никаква штета.

Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека како одговор гаѓал американски воени објекти во базата Камп Арифџан и воздухопловната база Али Ал Салем во Кувајт, како и базите Џуфер и Шеик Иса во Бахреин. Државните медиуми на Бахреин и Кувајт пренесоа дека по нападите биле активирани сирените за тревога во двете земји.

Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) претходно соопшти дека лансирала нов бран напади со цел да ја ограничи способноста на Техеран да го попречува поморскиот сообраќај низ Ормуската Теснина.

Back to top button
Close