На Матка не смее да се скине ниту цвет, а не, пак, да се возат моторни чамци

Возење на моторни чамци во езерото на кањонот Матка е строго забрането, а Одлуката за прогласување на Матка за споменик на природата, која во 1994 година ја донело тогашното Собрание на Градот Скопје, предвидува дека во кањонот може да се движат пловила само на електричен погон. Според Одлуката, објавена во Службен гласник во мај истата година и која сѐ уште е на сила, во кањонот, кој претставува уникатен природен резерват, не само што се забранети било какви градби и градежни активности кои би ги нарушиле интегритетот и изгледот на споменикот на природата, туку забрането е и движење на посетители без претходна најава. Во Матка, според овој документ, не само што не смее да се возат моторни чамци и да се градат платформи, не смее да се фрла отпад и да се испуштаат отпадни води, не смее ниту да се предизвикуваат бука и вибрации или без контола да се влегува во пештерите. Одлуката е толку темелна, што забранува дури и да се скине цвет.

Секоја градежна активност значи засегање во природната реткост, но за жал, Матка ниту од далеку не е заштитена со оваа Одлука на Градот Скопје, вели Васил Анастасовски, географ и претседател на Друштвото за заштита на природата на Македонија, и покрај тоа што заштитеното подрачје во постојните граници беше предложено да се вклучи во Националната Емералд мрежа во 2006 година, која беше одобрена од страна на Секретаријатот на Бернската конвенција во 2009 година.

„Во 2010 година е изработена Студијата за ревалоризација на природните вредности на заштитеното подрачје споменик на природата „Кањон Матка, во рамките на проектот на УНДП „Јакнење на еколошката, институционалната и финансиската одржливост на системот на национални заштитени подрачја на Македонија“ со средства од Европската Унија. Минатата година, исто така преку УНДП, беше финансиран проект за преиспитување на границите на заштитената зона, со цел да се донесе Законот за прогласување на локалитетот Матка за споменик на природата, во постапка која ја води Министерството за животна средина“, вели Анастасовски.

Тој посочува дека тогаш е направено ново зонирање и опис на границите и режим на заштита на секоја зона. Со министерството за одбрана е утврдено ловиштето „Ивање“, кое го манаџира јавното претпријатие на шумскиот резерват „Јасен“, да стане репро центар, бидејќи ловиште не може да влегува во состав на заштитена зона. Целта е да не се менуваат границите на заштитеното подрачје утврдени со Студијата, бидејќи Матка е многу значаен предел кој е рефугиум и емералд подрајче и неговата заштитата ги надминува интересите и границите на нашата држава.

Матка е прогласена за споменик на природата врз основа на Законот за заштита на природни реткости од 1973 година. По донесувањето на Законот за заштита на природата од 2004, сите заштитени подрачја кои се утврдени врз основа на стари закони треба да се препрогласат. Истото важи и за Матка, за која постапката е почната уште во 2010 година, но сѐ уште не е завршена. Од Министерството за животна средина велат дека во 2014 година е изготвен Предлог-Закон за прогласување на Кањон Матка за споменик на природа, со предлог надворешни граници.

„За да може Министерството да го достави Предлог-Законот до Владата, мораше да бидат завршени приоритетните активности за ревизија на предложените надворешни и внатрешни граници на зоните со ГИС податоци и наративни описи, како и да се определи управувач за што е предложен Градот Скопје. Во моментов, по изработката на Нацрт -извештајот со предложени зони, чекаме Градот Скопје да достави конечна верзија на овој извештај и ревидирана Студија за ревалоризација на природни вредности на заштитеното подрачје – Споменик на природа Кањон Матка. Студијата треба да содржи и усогласен став на засегнатите страни, Градот Скопје, ‘Јасен’, Министерство за одбрана и Општината Сарај за надворешните граници и зоните, како и усогласен став за управувањето со заштитеното подрачје, за да може постапката за прогласување да продолжи“, велат во Министерството.

Мета

Back to top button
Close