Најниската просечна годишна плата во Европа е двојно поголема од македонската! 73,3% од работниците земаат плата под просечната!

Најниската просечна годишна плата на вработен во ЕУ е двојно поголема од тоа што македонскиот работник го заработува за една година. На пример, во анализата на Euronews, како држава со најниска просечна годишна заработувачка е ставена Бугарија, со 15.387 евра годишно. Просечната плата во Македонија за септември 2025 година во Македонија изнесува 45.466 денари, или на годишно ниво 545,592 денари, односно 8.944 евра.

Просечната годишна плата по вработен во ЕУ е 39.808 евра. Меѓу земјите од ЕУ, таа се движи од 15.387 евра во Бугарија до 82.969 евра во Луксембург. Освен Луксембург, просекот на плати е над 50.000 евра во уште пет земји: Данска, Ирска, Белгија, Австрија и Германија. На дното од рангирањето, покрај Бугарија, просечната годишна плата по вработен е помала од 20.000 евра во Грција и Унгарија.

Џулија Де Лацари, економист во Меѓународната организација на трудот (МОТ), нагласи дека економската структура и продуктивноста на нациите се клучна причина за разликите меѓу земјите.

„Повисоката продуктивност им овозможува на земјите да одржат повисоки плати“, изјави таа за „Еуроњуз бизнис“. Лацари истакна дека земјите со поголем удел во сектори со висока додадена вредност, како што се финансиите, ИТ и напредното производство, имаат тенденција да имаат повисоки плати во споредба со земјите каде што вработеноста е концентрирана во сектори со пониска додадена вредност. Вторите вклучуваат индустрии како што се земјоделството, текстилот или основните услуги.

„Присуството и силата на синдикатите, покриеноста и длабочината на колективните договори и нивото на законските минимални плати, исто така, значително влијаат на платите“, додаде таа.

Д-р Агњешка Пјасна, виш истражувач во Европскиот институт за синдикати (ETUI), објасни дека ниските нивоа на синдикализација и повисоките нивоа на невработеност веројатно ќе ја поткопаат пазарната моќ на работниците. „Ова често се смета за објаснување за ниските удели на плати забележани во многу земји од Централна и Источна Европа (ЦИЕ), кои имаат едни од најниските стапки на синдикализација во ЕУ“, изјави таа за „Еуроњуз бизнис“.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, за Инфомакс изјави дека

– „ССМ во континуитет укажува дека платата во Македонија е најниска во регионот, согласно податоците на државните институции, односно ако има дно, платите на македонските работници се под дното.
Податоците од ССМ се податоци од државната Статисика и УЈП, а сега уште позагрижувачки се податоците произлезени од Анализата на Euronews кои покажуваат дека држава со најниска просечна годишна заработувачка е Бугарија, со 15.387 евра годишно, а доколку се знае дека просечната плата во Македонија за септември 2025 година во Македонија изнесува 45.466 денари, или на годишно ниво 545,592 денари, односно 8.944 евра тогаш разликата е огромна.
На ова ако ги додадеме и податоците дека во Македонија 73,3% од работниците земаат плата под просечната плата, тогаш некој свесно ги турка работниците во сиромаштија, а особено со одбивањето да се зголеми минималната плата и сите останати плати.
Очигледно, потребно е креаторите на политиките и газдите да ги симнат розовите наочари и да ја погледнат реалноста, а доколку не, тогаш во наредниот период работниците ќе им ја покажат.“ – вели Трендафилов.

Back to top button
Close