На Онкологија умира државата
Владата често користи слогани за народот па еве прилика тоа да го докаже и на дело. Солзите на Клиниката за онкологија да ги заменат насмевки и оптимизам за поздраво утре. Пишува Соња Крамарска.
Неброени редови се напишани за состојбите на Клиниката за онкологија во Скопје, неброени новинарски прилози се направени на телевизиите, но како да прифативме дека е нормално лековите често да ги нема, и да вртиме глава од насолзените очи на граѓаните на кои им се потребни. Веќе стана пракса при секоја криза во оваа здравствена устанува да се појават директорите на Фондот за здравствено осигурување и на самата клиника, да кажат дека состојбата брзо ќе се надмине, и сето тоа зачинето со по десетина партиски соопштенија на ден во кои ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се обвинувааткој е виновен.
Виновни сме сите ние што дозволивме здравството да биде поле на партиско надметнување и поле на експерименти која партија колку понеспособен човек ќе стави да ги менаџира состојбите во здравството било за министер или директор на Фондот за здравствено осигурување, па дури и на самата клиника. Стана добро познато дека партиските краци на октоподот што ја јаде државата се проширени и на здравството и Клиниката за онкологија, вкопувајќи се длабоко во болничкото ткиво обидувајќи се да копа богатство во вид на трговија со лекови и манипулации со нивните цени.
Дека на Онкологија, всушност, умира државата, не е тешко да се види. Болничките установи се огледало на државата, на нејзината способност да се грижи за своите граѓани и да им пружа здравствени услуги согласно системот што го избрала и воспоставила. Одговорот на тоа колку успева државата да ја исполни таквата мисија, е овде, пред сите нас низ примери сведочејќи дека оваа клиника, е „последна дупка на свиралото“ за последните неколку влади во Северна Македонија. Како впрочем и останатите клиники во болничкиот комплекс на „Водњанска“ во кој секојдневно се слеваат илјадници луѓе да бараат лек и спас за своите животи.
Лекови има но не за сите
Директорот вели дека лекови се обезбедени, освен за 40 до 60 пациенти. Оваа растеглива бројка е прв знак дека Клиниката за онкологија нема прецизна слика за потребите на лекот. А од друга страна знае ли директорот, чувствува ли тој, како им е на тие 40 до 60 граѓани на кои секоја минута им е важна за што поскоро да го добијат лекот кој ќе ги спаси или ќе им ја олесни болеста? И по кој пат снемува лекови? По 10-тти, 20-тти пат снемува лекови во оваа витална здравствена установа?
Сите знаеме дека се најскапи лековите кои спасуваат живот. Тоа добро го знаат и производителите и веледрогериите, па цените ги формираат не врз основа на трошоците за изработка, туку врз сознанието дека секој човек кога му е во прашање животот не прашува за пари и дава колку ќе му побараат. Знаејќи го тоа не е тешко да се претпостави што се случува зад завесата каде што се одвива купопродажбата на лекови, профитот што се дели, а во крајна линија така се наметнува и одговорот на прашањето зошто со секоја смена на власта на чело на Фондот за здравствено осигурување се испраќа партиска личност од најтесна доверба на премиерот. Зошто? Затоа што се таму парите. Така на оваа важна установа добиваме раководства партиски апаратчици кои кога ќе дојдат на позицијата барем една година ако не и повеќе учат наместо да ги средуваат состојбите.
Друга работа која паѓа во очи се добавувачите на лековите и важноста политиката да стави рака врз нив. Затоа и во изминатиот период се нагледавме на соопштенија за веледрогеријата која ги увезува лековите што живот значат, и видовме како најкритикуваната веледрогерија наеднаш стана погодна за соработка и на новата власт. Очигледно е дека во овој бизнис кој одамна престана да биде благороден и стана бескрупулозен, тешко влегуваат други играчи, и затоа цените се диктираат до небо, а крајните корисници висат низ болничките ходници молејќи за спас.
Нема елементарна хуманост
Односот кон граѓаните кои зависат од тие лекови се коси со елементарна хуманост. Заборавени од државата и препуштени на милост и немилост на оние кои продаваат живот. За нив се зборува само кога состојбата ќе ескалира, но по системот секое чудо за три дена, а тука се и ПР тимовите да ја смират јавноста и да ја пренасочат на други теми. И така по неколку дена се заборава на солзите, на молбите и преколнувањата, а и на ветувањата за поголеми плати на медицинскиот персонал, реновирањето и проширувањето на болничките одделенија и другите придружни фактори за едно достоинствено лекување.
Враќањето на секојдневните теми е побрзо од доаѓањето на спасот за болните. Во држава во која се води дебата за купување на нов владин авион, дегутантно е да сведочиме на такво ниво на потфрлање на здравството и на здравствениот менаџмент. Не дека авионот не е потребен, но освен за својата удобност и безбедност, политичарите треба да мислат и за удобноста на оние кои се принудени да бараат спас во здравството.
Актуелната Влада често користи слогани кои се поврзани со народот. Нема ден а премиерот и министрите да не се повикаат на народот и неговите желби на кои тие се наводно слуги. Барем така се претставуваат. Еве прилика тоа да го докажат и на дело. Солзите и маките на Клиниката за онкологија да ги заменат со насмевки и оптимизам за поздраво утре. И да им ја вратат гордоста на пациентите и нивните семејства. Па дури потоа можат да ја вратат гордоста на Македонија.