На парламентарните избори во Кувајт две третини од пратениците го загубија мандатот

Две третини од досегашните членови на Парламентот на Кувајт, вклучувајќи ја и единствената жена во него, останаа без место во законодавниот дом, покажааа резултатите од вчера оддржаните избори.

Засега е нејасно каков правец ќе заземе  новиот состав на парламентот, во кој 21 од 50 пратеници за првпат ќе ја извршуваат оваа функција.

Откако ќе ја преземат функцијата, на 15 декември, пратениците ќе се соочат со непроменети предизвици во земјата богата со нафта, борејќи се со кризата со јавниот долг и пандемијата на коронавирусот.

На вчерашните избори во Кувајт, земјата која го има најслободниот и најбучен парламент меѓу земјите од Персискиот залив, излегоа повеќе од 60 проценти од околу 560.000 регистрирани избирачи.

Новиот парламент ќе треба да се соочи со бројни прашања, а најважните ќе бидат економски.

Агенцијата „Мудис“ есенва за првпат во историјата на земјата го намали кредитниот рејтинг на Кувајт, а министерот за финансии предупреди дека владата наскоро нема да може да исплаќа плати.

Централната банка на Кувајт соопшти дека долгот на земјата годинава може да достигне 40 проценти од бруто домашниот производ, што е највисоко ниво од 1990 година, кога земјата претрпе економска катастрофа поради ирачката инвазија и Заливската војна што следеше.

Back to top button
Close