На Попова Шапка операторот тврди дека платил 5.000 евра на Паркот – „Ние ја викнавме полицијата, а не тие нас“

По обвинувања од Националниот парк „Шар Планина“ за „диви ратраци“ кои ги загрозиле животите на ренџерите, со остра реакција се огласи операторот Гале Неделкоски од „Хотел Арена“. Во демантот се тврди дека вистината е сосема поинаква – дека тие имаат уплатено пари на Паркот, а полицијата била повикана токму од нив поради, како што велат, незаконското постапување на ренџерите.

Операторот категорично го демантира насловот дека биле загрозени животи, нарекувајќи го сензационалистички и неточен.

„Полицијата ги отстрани ренџерите, а не нас“
Според реакцијата, инцидентот имал спротивен тек од оној што беше пласиран во јавноста.

„Не е точно дека полицијата интервенирала поради загрозување на безбедноста од страна на операторот. Напротив, полицијата беше повикана по дојава на самиот оператор, поради незаконско и присилно постапување на терен, по што ренџерите беа отстранети од местото на настанот, а не обратно“, се вели во дописот.

Од компанијата тврдат дека не постоела никаква закана по безбедноста, туку се работело за „незаконско и присилно запирање“ на нивната работа.

Платени 5.000 евра аванс на барање на Паркот
Клучниот аргумент на операторот е дека тие веќе имаат финансиски регулиран однос со Јавната установа.

Операторот тврди дека постапувал согласно допис од НП Шар Планина и нивниот официјален тарифник.
Врз основа на тоа, извршена е авансна уплата од 5.000 евра, со образложение дека установата е самофинансирана и ѝ се потребни средства.
„И покрај ова, ратраците беа физички спречени да се движат, без претходно врачено писмено решение и без формална забрана“, реагираат од „Хотел Арена“.

Обвинувања за саботажа и лични интереси
Операторот, кој посочува дека е присутен на пазарот над 15 години и носи по 1.500 туристи годишно, смета дека позади ова се кријат лични интереси.

„Основано сметаме дека станува збор за сплет на интереси помеѓу поединци вработени во установата, како и за обид за саботажа и уништување на веќе воспоставен туристички производ“, стои во реакцијата.

Тие јавно прашуваат зошто институција задолжена за развој на туризмот се обидува да уништи меѓународно признат бренд без да достави докази или елаборати за наводна штета врз природата.

На крајот, најавуваат дека поради нарушување на деловниот углед и финансиските штети врз сместувачките капацитети, ќе преземат правни и институционални мерки.

Back to top button
Close