На самитот на ЕУ Европската комисија ќе го презентира планот за постепена интеграција на земјите кандидати

На денешното заседание на шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ кое се одржува во Брисел претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ќе го претстави планот на ЕК според кои би се променил начинот на кој ЕУ ги прима новите членки. Наместо сегашниот пристап „се или ништо“, Брисел сака постепено интегрирање на Украина, Молдавија и Западен Балкан во ЕУ.

Според планот на ЕК ова ќе им овозможи на земјите во чекалната на ЕУ да искористат некои придобивки од членството, наместо да чекаат со години или децении додека ги исполнат сите потребните реформи за полноправно членство. Поконкретно, Брисел предлага постепено да им се дозволи на земјите во пристапниот процес да се приклучат на единствениот пазар .

Според планот, Комисијата предупредува дека правата и обврските на единствениот пазар „не можат да бидат по слободен избор и дека лидерите на Унијата ќе треба да разговараат за тоа како и во кои степени ќе се приклучуваат земјите кандидати. Секоја земја кандидат поедичечно ќе ги добива бенефициите од вклучувањето во слободниот пазар на ЕУ согласно обврските кои треба да ги исполни.

И додека се одвива овој процес на постепена интеграција во ЕУ, како што се предвидува со планот кои денска се разгледува во Брисел, земјите членки треба да работат на внатрешната реформа која подразбира превенција од можно блокирање на европските институции со 30 или повеќе земји членки. Услов за тоа е да се минимизира просторот на одлучување со концезус или маргинализирање на правото на вето кое и во овој актуелен обем на ЕУ е проблем кога станува збор за донесување на одлуките во надворешната и даночната политика.

Добрата вест во овој план на ЕК е што внатрешната реформа на процесот на одлучување не бара промена на Уставот на ЕУ но лошата вест е што таа одлука за одземање на правото на вето сепак треба да биде донесена едногласно. Познато е дека дел од земјите членки не се многу расположени да го изгубат ова право.

Планот е на масата на лидерите на ЕУ но не се очекува да излезе на поширока јавна дебата пред европките избори со оглед на тоа што некои земји членки не се расположени темата на проширувањето на ЕУ да им се појави во изборните кампањи.

Борјан Јовановски

 

 

 

 

 

 

Back to top button
Close