На шефицата на ДКСК нема кој да ѝ каже да си оди
Не знам што вели нашиот правен и политички систем за ситуации како со претседателката на Антикорупциската комисија, но знам дека тоа што се случува сега е пародија на правото, државната регулатива и на битката против злоупотребите на функционерите и против корупцијата. Шефицата на ДКСК – телото кое треба да биде синоним и кое треба да го носи бајракот во офанзивата против сеопштата корупција во државата, е официјално обвинета за две тешки кривични дела, а сѐ уште седи на чело на Комисијата. Единствено по што се разликува од чесниот народ кој секој ден оди на работа за да земе плата е што таа не оди на работа, а зема плата. И тоа плата во шестцифрен износ. Ако тоа не е исмевање со државата и со владините напори да се справи со корупцијата, тогаш кажете што е.
Целата Антикорупциската комисија е компромитирана со поведението на првиот човек, но тие солидарно чекаат таа самата да се сети и да замине и од кормилото и од Комисијата. Владата, поточно премиерот кој без проблем застана зад интерпелација на судии од Судскиот совет и парламентот цел ден ја анализираше и критикуваше нивната работа, сега вели дека тоа искуство ги научило да не чепкаат таму каде што не можат да влијаат. Можеби е така, а можеби стојат настрана од оваа рашомонијада затоа што со „изостаноците“ на претседателката Татјана Димитровска имаат поволен однос на силите внатре во ДКСК кој на власта ѝ овозможува да биде покомотна.
Со кривичните дела за кои ја гони Обвинителството, шефицата на ДКСК доби ретка привилегија ем да ја вџаши јавноста со преминувањето на црвената линија ем за тоа да добие големи отстапки наместо казна. „Не можеме да ја разрешиме сѐ додека не биде осудена правосилно“, извика претседателот на Собранието Африм Гаши. „Нема да правиме естрада во парламентот кога тоа ништо не значи пред Уставот“, го дополни премиерот Христијан Мицкоски. Требало да се состане собраниската комисија за избори и именувања. Излезе дека разрешувањето на претседателката на ДКСК е потешка операција отколку нејзиниот избор.
Зачудува ставот на највисоките државни раководители како што е претседателот на Собранието, Африм Гаши да се чека правосилна пресуда за да биде разрешена. Како да се занемарува фактот дека делата за кои ја гонат правосудните органи не се излезени од политички кулоари, туку се плод на повеќемесечна истрага на официјални институции. Второто нешто што боде очи е дека ако институциите кои вршат кривичен прогон оцениле дека Димитровска не треба да има допир со случаи кои ги мониторира и анализира Државната комисија за спречување на корупцијата, со какво морално право таа добива плата кога веќе не ја врши работата поради која засновала работен однос во ДКСК?
Што да рече јавноста на сето тоа? Има изреки кои ја сумираат во една проста реченица карикатурата од право и правда што ја исцрта ситуацијата со госпоѓа Татјана Димитровска. „Кучињата лаат, карванот си врви“, „Врана на врана очи не вади“, „Бог прво себе си ставил брада, а потоа на другите“, „Сит гладен не верува“, „Не ме слушај што зборувам, гледај ме што правам“. Помпезните најави за епска битка против корупцијата се сопнаа на првата пречка, а тие што треба да бидат на чело на фронтот и самите се извалкаа до непрепознатливост.
Притоа секоја сличност со госпоѓата Катица Јанева е „случајна“. Јанева барем успеа да стави неколкумина зад решетки, додека алчноста за пари и лесно богатење ѝ купи билет за Идризово и на неа. За разлика од некогашната шефица на СЈО која беше катапултирана од Гевгелија во елитната група обвинители, Димитровска има завидна биографија. Додека за Катица Јанева велевме дека ѝ недостасувало брусење за гонење на елитни криминалци, Димитровска е крајна спротивност на неа. Како ревизор давала оценки за финансиското работење на најзначајните правосудни органи во Северна Македонија. Обвинителството, Државната изборна комисија, политичките партии, министерствата, регулаторните тела – сите биле чешлани од Татјана Димитровска кога била ревизор. Но додека на другите им делела препораки за тоа како да се однесуваат поодговорно, самата таа ги пропуштила најважните лекции за чесно и одговорно извршување на задачите кои ѝ се доверени.
Прокоцкана доверба
Во биографијата која самата си ја напишала и ја закачила на веб-страницата на ДКСК, Димитровска вели: „Преку законито, независно, непристрасно, етичко, одговорно и транспарентно вршење на работните задачи придонесувам за зачувување на личниот и угледот на институцијата од која доаѓам, имам значителен придонес во елиминирање на ризиците и отстранување на сомневањата во можноста од настанување и развој на корупција, а со тоа и обезбедување и доверба на граѓаните“. Но излезе сосема спротивното.
Димитровска е личност која постигна историски рекорд во прокоцкана доверба. Која шурувала со личности кои органите ги гонат за тежок криминал. А како круна на сѐ, спокојно замолила пријател и колега ревизор да ѝ го положи испитот за сертификат за пристап до тајни информации. Како дете кое го замолува другарчето да му ја напише писмената работа за да добие петка.
Со право јавноста повеќе не верува во институциите. Изборот на Димитровска беше направен во неколку фази за да се постигне гаранција дека личноста е вистинската за таа работа. Но ете ни тоа не било доволно. Најпосле, кадровски грешки се прават, но треба и да се поправат. Е, тоа е дополнителното разочарување. На претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, нема кој да ѝ каже да си оди. Освен ако покаже доблест и одговорност самата да го стори тоа.
Соња Крамарска