На случајот со Фондот за здравство работат и експерти од земји-членки на НАТО, вели Ковачевски
Сајбер нападите, дојавите за бомби и другите онлајн закани кои се случуваат во Северна Македонија се поврзани и меѓусебно и со војната во Украина. Овој став, премиерот Димитар Ковачевски го искажал во интервју за МИА, за време на Минхенската безбедносна конференција, пренесуваат од неговиот кабинет.
„Апсолутно се поврзани со војната којашто се води во Украина бидејќи пред тоа не постоеа. Второ, хибридната војна којашто се води и којашто вклучува сајбер напади, којашто вклучува хакерски напади, којашто вклучува дезинформации, практично е нов начин на војување којшто досега не е виден. Тоа има неколку цели: прво да направи блокада на клучни витални системи во држави кои се членки на НАТО, на ЕУ, коишто се западно определени. Второ, да внесе немир кај граѓаните бидејќи се напаѓаат системи коишто опслужувааат голем број на граѓани и трето да направат еден систем на дезинформации во државите коишто на крајот од денот оди во насока и корист само на оние коишто не сакаат да го видат нашиот регион конкретно да биде дел од ЕУ или да биде дел од НАТО“изјавил Ковачевски за МИА, соопштуваат од Владата.
Покрај постојаните закани за поставени бомби пред се во училиштата, најголема сајбер закана во моментов е хакерскиот напад на Фондот за здравствено осигурување. Поради тоа, доцни исплатата на платите во здравството, но и услуги кои граѓаните, како на пример породилното отсуство. Премиерот вели, на проблемот се работи заедно со партнери од НАТО.
„Во случајот со Фондот за здравство работат експерти од нашата држава заедно со експерти на земји членки на НАТО кои се врвни експерти“изјавил Ковачевски.
Ковачевски кажа и дека, слично како лекарите за време на пандемијата, сега повторно има луѓе што работат 24 часа без да си ги видат семејствата – ИТ инженерите.
„Денес, при овие сајбер напади и при оваа хибридна војна, повторно има луѓе кои 24 часа работат. Тоа се ИТ инженери, коишто работат во институциите. Ние, исто така, имаме формирано и специјален тим во МВР, во којшто учествуваат ИТ инжинери од Агенција за разузнавање и од Агенција за национална безбедност. Тие луѓе имаат имиња и презимиња, но ние не ги знаеме бидејќи никогаш немале можност да бидат дел јавна дискусија од медиуми. Меѓутоа, и тие работат 24 часа на ден. И тие имаат свои семејства кои не ги виделе, и јас ќе се потрудам лично на еден од наредните јубилеи кои нашата држава ги слави, барем еден од нив да биде награден со државна награда во име на сите нив, кои 24 часа работат за да ги заштитат и одблокираат ситемите кои се под сајбер напади“изјавил Ковачевски.
Додека премиерот смирува дека состојбата е под контрола и дека проблемот со Фондот наскоро ќе се реши, веќе се најавени два протести на медицински персонал. За утре е закажан протест на персоналот во болницата „8-ми септември иако не станува збор за одлука донесена од репрезентативниот синдикат. За во среда протест најави и Синдикатот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, ако утре не им биде исплатена плата.