На смеа и шега

Министерката вели и дека „секој филм што ќе ја промовира македонската култура, македонскиот индивидуалитет би требало да има поддршка, но сепак мора да бидеме свесни дека мора да одиме напред, мора да се ослободиме и дека историјата не смее повеќе нам да ни биде затвор, треба да ни биде лекција“.

Значи, ако некој реши да сними филм за убиството на Ваташките младинци, тоа нема да биде забрането, но за да добие државна поддршка, или не смее бугарските администратори да се поврзуваат со фашизмот, или мора да биде смешен, за да го забавува народот. Да не се запоставуваат историските теми, ама во нив да бараме хумор. Па, во една варијанта филмот ќе има сценарио за животот на едно село во војна, кога дошле некои ослободители, ама момчињата биле незадоволни од ефикасноста на јавната администрација, па администраторите толку се налутиле што ги стрелале. А во другата, ведра варијанта може да помине и сценарио во кое се собрале дванаесет тинејџери, си раскажувале вицови за Бугари, вицовите биле толку смешни, што сами се убиле од смеење, од што им било пресмешно.

Или, ако веќе се „твори во духот на тоа што ќе го расположи народот“, може да се сними мјузикл за бугарската депортација на македонските Евреи, во кој авторот ќе прикаже како прогонетите го зачувале чувството на хумор, пеејќи весели песни додека се возат во товарните вагони на бугарската државна железница. Ако Музејот на холокаустот во Скопје побара државна помош за организирање некоја манифестација, во програмата задолжително да се предвидат и вицови за гасни комори за „да се расположи народот и публиката“.

Да беше жива тетка ми Маре, која никогаш не сакаше да зборува што мака видела во битолскиот затвор за време на бугарската фашистичка окупација, можеби сега, во духот на Протоколот за почеток на преговори со ЕУ, ќе ни раскажеше колку било цепки во затворот, се кикотела оти многу смешно зборувале тие што ја тепале, наместо да се враќаме на „мрачните времиња каде што навистина не видовме ништо добро“, како што вели министерката.

На смеа, на шега, со билатералниот протокол со Бугарија државата ќе ни кажува што е дозволена тема за творештво.

Колумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close