Најспектакуларните операции на украинските тајни служби
Уништена логистика
Руската железница транспортира муниција и гориво за армијата, па поради тоа беше мета на неколку саботажи од страна на двете украински разузнавачки агенции, СБУ и ХУР. На 30 ноември 2023 година, агенти на СБУ разнесоа воз што пренесуваше гориво во тунел на магистралата Бајкал-Амур. Пожарот доведе до повеќедневен прекин на најважната рута за снабдување на источните региони од Руската Федерација.
На 1 јуни 2025 година, во руските региони Брјанск и Курск речиси истовремено се урнаа железнички мостови, возови излетаа од шини, а седум патници загинаа. Руските власти истражуваат поради сомневања за тероризам и ги обвинуваат украинските разузнавачки служби за чинот.
Напади на Кримскиот мост
Мостот кој беше пуштен во употреба во 2018 година и кој го поврзува руското копно со украинскиот полуостров Крим, анектиран од Русија во 2014 година, е централен елемент на руската пропаганда и една од најважните логистички артерии за снабдување на руските сили. СБУ организираше три напади врз мостот, кои ги откриваа слабостите во одбраната на Русија.
Утрото на 8 октомври 2022 година, на дводелната градба експлодираше камион натоварен со експлозив од рускиот регион Краснодар. Делови од мостот се урнаа по должина од над 100 метри. Покрај тоа, се запалија осум цистерни со дизел гориво кои беа на околните железнички пруги. „Операцијата беше планирана шест месеци, а експлозивите транспортирани преку параван компании од Грузија, Ерменија и Казахстан за да се избегне руската контрола“, објасни тогаш шефот на СБУ, Васил Маљук.
Сообраќајот на мостот беше запрен 22 дена, што доведе до недостиг на гориво и муниција на Крим и ја принуди руската армија да го пренасочи своето снабдување преку окупираните територии околу Запорожје. Нападот имаше големо психолошко влијание, бидејќи покажа дека важни руски објекти се ранливи и покрај силното обезбедување.

Летото следната година, Украина продолжи со нападите. Москва беше принудена да ја засили одбраната на мостот до Крим со помош на скапи системи за противвоздушна одбрана од типот С-400. Но, и покрај тоа, набргу уследи уште еден напад – овојпат од море. Два беспилотни брода експлодираа во близина на столбовите на мостот. Русија повторно беше принудена да го ограничи сообраќајот на мостот за период од еден месец.
Нападот го означи и почетокот на серија напади со дронови што ја ограничија доминацијата на Русија во Црното Море. Во декември 2024 година, СБУ нападна брод што превезуваше градежни материјали за поправки на мостови. Два камиказе-дронови го погодиле бродот директно во Керчкиот Теснец, при што пратката била уништена, а 15 членови на екипажот повредени. Како резултат на тоа, Русија мораше да ги зачести патролите.
По нецели шест месеци, на 3 јуни 2025 година, СБУ постави подводни мини на столбовите на мостот и ги детонираше од далечина. Киев објави дека агенти ги минирале столбовите, но руските медиуми ги негираа наводите дека е предизвикана сериозна штета. Сообраќајот преку мостот сепак беше привремено прекинат.
Аеродроми во визирот
Стратешките воздухопловни сили на Русија играат клучна улога во ракетните напади врз Украина уште од првиот ден на војната. Затоа аеродромите се приоритетна цел за СБУ и ХУР. Првата значајна операција беше оштетувањето на радарски авион од типот А-50, стациониран на аеродром во Белорусија, со помош на ФПВ-дронови. Поправката на штетата била комплицирана. Киев првично негираше вмешаност, но во март 2024 година, Васил Маљук призна дека тоа е дело на два украински дрона.
Во август истата година, ХУР го нападна аеродромот Солци во регионот Новгород, длабоко на руска територија. Најмалку еден бомбардер од типот Ту-22М3 беше оштетен, но загуби имаше и на украинска страна. Според ХУР, нивната извидувачка единица била нападната од заседа при враќањето на територија под контрола на Украина, при што загина еден потполковник.
Досега најспектакуларната операција се случи на 1 јуни 2025 година, кога цел рој беспилотни летала, вкупно 117, истовремено нападнаа четири аеродроми во различни делови на Русија. Тие биле транспортирани во обични камиони, чии што возачи не биле ни свесни за тајниот товар. Според СБУ, во операцијата „Пајажина“ биле уништени 41 авион, вклучително и летала од типот А-50, Ту-95, Ту-22М3 и Ту-160, односно 34 проценти од руските носачи на крстосувачки ракети. Според НАТО, над 40 авиони биле оштетени, од кои 10 до 13 целосно уништени. Руски извори наведуваат помали загуби.

Дронови наместо ракети
Во јули 2023 година, СБУ ја нападна Москва. Две беспилотни летала направени од лесни авиони погодија згради без да предизвикаат значителна штета. Сепак, нападот предизвика паника во руската престолнина. Според Ројтерс, противвоздушната одбрана е неефикасна за мали беспилотни летала, поради што безбедносните мерки во Москва беа заострени.
Во наредниот период речиси секојдневно имаше напади со беспилотни летала, и постојано се рушеа рекорди со дострелот. Во април 2024 година, дрон на ХУР прелета 1.200 километри до Нижнекамск, во Република Татарстан, каде што запали рафинерија за нафта и делумно го сопре производството. Во јуни истата година, беспилотни летала на СБУ, по приближно 1.800 километри долг лет, нападнаа радарски станици од типот „Воронеж“ во регионот Оренбург, кои беа дел од системот за рано предупредување од ракетни напади.
СБУ и ХУР, освен тоа, извршија атентати врз осомничени соработници, руски офицери или инженери вклучени во ракетни напади врз цивилни цели. Познато е дека во декември 2024 година СБУ во Москва го уби командантот на руските сили за радиолошки, хемиски и биолошки закани, генерал-потполковник Игор Кирилов, како и еден од неговите соработници. На Кирилов му се префрлаа воени злосторства, вклучително и напади со хемиско оружје врз украинските одбранбени сили.
На почетокот на годинава, украински агенти во Москва го застрелаа Михаил Шазкиј, заменик-шеф на бирото „Марс“, задолжено за модернизација на ракетите и развој на нови беспилотни летала. Украинското воено разузнавање ја потврди операцијата без да даде детали.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик