На судењето на Зеќири: Студијата на хрватските експерти се користи во скринингот на Македонија во Брисел


Битиќи рече дека консултантите направиле студија на 600 страници со внатрешна анализа на Македонски пошти. „Беше барана компанија со специфично искуство во областа, а хрватската компанија работела токму на реструктуирање на хрватските пошти, кои од загубари станале најреспектабилни пошти во регионот. Зеќири не беше дел од билатералните технички состаноци со консултантите“, рече Битиќи, но додаде дека тој не бил вклучен во процесот на набавка и дека за консултантски услуги нема пазарна цена, туку се плаќа или според работни денови или според комплексноста на анализите.

Според сведочењето на Битиќи, хрватската компанија требаше да биде одговорна и за наоѓање стратешки партнер за Mакедонски пошти.

„Во Економскиот совет на Владата беше отворено прашањето за поштата како еден од најголемите загубари. Истото беше и за Македонски железници. Затоа требаше да се направат физибилити студии за да се види дали ќе оди реструктуирањето. Наш совет до Секретаријатот беше реструктурирање на пошта. За нас беше поважно да се запре штетата врз буџетот“, рече Битиќи.

Според препораките од физибилити студијата Македонски пошти во рок од 5 години требаше да се трансформира во профитабилно претпријатие.

На презентацијата на физибилити студијата присуствувале и Битиќи, министерот за транспорт Благоја Бочварски и претставници на пошта меѓу кои и Макрадули.

На судското рочиште сведочеше и поранешниот директор на Македонски пошти Јани Макрадули кој кажа дека сугестиите од хрватските експерти биле прифатливи за тогашното раководство. Студијата покажала превработеност во пошта, според систематизација требала да има 56 работни позиции, а имало дури 240, рече Макрадули.

Откако препораките од консултантите почнале да се спроведуваат, дошло до смена на Макрадули, по што новиот директор ги сменил приоритетите во однос на реструктуирање на комапнијата.

Бочварски рече дека студијата на хрватските експерти се користи и податоците добиени од неа се користени во скринингот на Македонија во Брисел.

„Нашите служби имаа средба во Брисел како дел од скринингот на оваа тема и ги искористеа податоците од оваа студија“, рече Бочварски.

Во овој судски процес поранешниот секретар на Владата Мухамед Зеќири е обвинет дека без постапка за јавна набавка склучил договори за консултантски услуги за анализа на состојбата во поштата и на железницата, а со тоа ја „злоупотребил службената должност и овластувањата“.

Судијката на предметот е Фанка Јанчулева Михаиловска.

На Зеќири на 9 април минатата година му беше одредена мерка притвор, која во јуни годинава поради здравствени причини беше заменета со куќен притвор.

Извор МКД.мк

Back to top button
Close