На Светскиот ден без тутун СЗО побара забрана за ароматизираните тутунски производи

Со оглед на големиот број млади корисници на тутун, Светската здравствена организација (СЗО) денеска итно ги повика владите да ги забранат ароматизираните тутунски и никотински производи, јави ДПА.

Организацијата конкретно ги спомена вкусовите како ментол, гума за џвакање и шеќерна волна, кои ги претвораат токсичните производи во мамка погодна за младите, напиша СЗО во соопштението за Светскиот ден без тутун, што се одбележува денеска.

Производите се поврзани и со тешки белодробни заболувања, додаде организацијата.

Аромите, стилското пакување за е-цигари и рекламирањето на социјалните медиуми се конкретно насочени кон младите корисници, соопшти СЗО.

Во 2022 година, 12,5 отсто од малолетниците во Европскиот регион на СЗО, што вклучува 53 земји, користеле е-цигари, во споредба со два отсто од возрасните.

Аромите се дизајнирани да предизвикаат љубопитност кај децата и адолесцентите, охрабрувајќи ги да експериментираат, што може да доведе до зависност. Забраната би можела да ги заштити младите луѓе, соопшти меѓународната здравствена агенција, пренесува германската агенција.

-Аромите поттикнуваат нов бран зависност и треба да бидат забранети, изјави генералниот директор на СЗО, д-р Тедрос Аданом Гебрејесус.

„Тие го поткопуваат деценискиот напредок во контролата на тутунот. Без смела акција, глобалната епидемија на тутун, која веќе убива околу осум милиони луѓе секоја година, ќе продолжи да биде водена од зависност облечена во привлечни вкусови“, додаде тој.

СЗО истакна и некои ветувачки акции: ароматизираните тутунски производи се забранети во повеќе од 50 земји, а над 40 земји ги забранија електронските цигари. Тој ги наведе Белгија, Данска и Литванија како земји кои преземаат мерки.

Организацијата нагласи дека сите тутунски производи, вклучително и оние каде што тутунот само се загрева, ги изложуваат корисниците на токсични и канцерогени хемикалии и треба строго да се регулираат.

Back to top button
Close