На Табановце и Богородица се чека околу еден час за влез во државата

На граничните премини Табановце и Богородица од доцна попладнево времето на чекање за влез во државата изнесува околу еден час. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ.

Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево. 

Отпочната е времена измена на сообраќајот на автопат А1, делница Демир Капија – Смоквица од 17.4.2025 г. до 31.5.2025 г., поради изведба на реконструкција на десната тунелска цевка на Тунел Т2, известуваат од Синтек Инженеринг. Десната тунелска цевка на тунел Т2 е целосно затворена за сообраќај, а сообраќајот е пренасочен во левата тунелска цевка.

Мостот на река Вардар на регионалниот пат Р1312, кај Башино село е затворен за секаков вид на сообраќај.

Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 17.04.2025 е пуштен за сообраќај за возила до 3.5 тона.

Back to top button
Close