На Токсикологија има седум пациенти што вдишале отровни гасови во пожарот, сите се стабилни – вели Чибишев
Седумте пациенти ќе бидат задржани до понеделник бидејќи, како што рече Чибишев, не се задоволни до крај од лабораториските и токсколошките наоди, како и од наодот на метаболната состојба на пациентите
На прашањето дали овие пациенти кои инхалирале отровни гасови при пожарот во дискотеката може да имаат трајни последици, директорот на клиниката појасни дека при пожарот гореле пластика, текстил, сунѓер, при што биле ослободени повеќе видови штетни гасови меѓу кои јаглерод моноксид, јаглерод диоксид и цијанводород кои може да предизвикаат сериозни нарушувања на здравјето, практично во целиот организам
На Клиниката за токсикологија хоспитализирани се седум пациенти кои вдишале отровни гасови во пожарот во Кочани, вели директорот Андон Чибишев.
Овие седум пациенти, вели Чибишев, се дел од 20-те што проциркулирале на Клиниката откако настанал пожарот.
„Од нив 13 поради влошување на состојбата или поради потреба од механичка вентилација биле префрлени на други клиники, претежно на Клиниката за интензивно лекување, односно на КАРИЛ, а некои се транспортирани надвор од државата. На Токсикологија во моментов се хоспитализирани седум пациенти“,
рече Чибишев на денешната прес-конференција.
Според него, сите овие 20 пациенти, вклучувајќи ги и тие на КАРИЛ и во странство, се во добра општа состојба и се стабилни.
„Кај нас во моментов се хоспитализирани седум пациенти кои имаат главно инхалирано голема количина на отровни гасови затоа што биле внатре во дискотеката додека таа горела. Немаат термички или механички повреди. Добра вест е што се сите стабилни без клинички манифестации“,рече тој.
Тој очекува еден пациент што е згрижен во „Св. Наум Охридски“ се очекува да биде префрлен на Токсикологија, со што бројката на хоспитализирани на Клиниката ќе изнесува осум.
Според неговите сознанија, пациентот имал тегоби кои укажуваат на тоа дека има вдишано поголема концентрација на отровни гасови, а сите други повреди – термички и механички – се санирани.
Седумте пациенти ќе бидат задржани до понеделник бидејќи, како што рече Чибишев, не се задоволни до крај од лабораториските и токсколошките наоди, како и од наодот на метаболната состојба на пациентите.
„Лабораториските и токсиколошките анализи што ги добиваме секојдневно сè уште не се во рамките на рефернтни вредности. Како терцијарна институција, ние не смееме да си дозволиме со нерефернтни вредности да ги пуштиме дома. Ќе ги задржиме до понеделник и потоа имаме направено план да ги контролираме подолг временски период затоа што труењето со отровни гасови може да даде доцни компликации“,вели Чибишев.
Директорот на Токсикологија рече дека најмладиот пациент што е хоспитализиран кај нив е на возраст од 19 години, а највозрасниот има 38 години.
На прашањето дали овие пациенти кои инхалирале отровни гасови при пожарот во дискотеката може да имаат трајни последици, директорот на клиниката појасни дека при пожарот горела пластика, текстил, сунѓер, при што биле ослободени повеќе видови штетни гасови меѓу кои јаглерод моноксид, јаглерод диоксид и цијанводород кои може да предизвикаат сериозни нарушувања на здравјето практично на целиот организам.
„Многу е важно колкава концентрација има во моментот кога индивидуата престојува во загадената средина и колку временски долго е изложеноста на тие гасови. Ние отприлика знаеме колку време биле изложени нашите пациенти, но не ја знаеме концентрацијата. Досега сите иследувања што ги направивме кои иницијално се прават по протокол во вакви ситуации се или негативни или задоволителни“,додаде тој.
Чибишев рече дека токсиколошки и биолошки анализи се направени веднаш кај сите пациенти пред приемот, за да се добијат што побрзо сознанија за колкав степен на труење станува збор.
„По протокол материјал за токсиколошки и за биолошки анализи се зема веднаш практично пред приемот пред да се хоспитализира или опсервира пациентот, оти не знаеме како понатаму ќе се одвива состојбата. Овие резултатите покажуваат дека сите биле изложени на зголемена концентрација на јаглероден моноксид. Значи кај сите имаме детектирана покачена концентрација и на карбоксихемоглобин. Тоа е еден спој од хемоглобинот и јаглеродниот моноксид кој се создава кога се внесува голема концентрација на јаглероден моноксид и бидејќи има 270 пати поголем афинитет кон хемоглобинот од кислородот, го зазема неговото место, а бидејќи хемоглобониот е физиолошки пренесувач на кислородот, настанува блокада на дишењето, односно на размена на гасови и настанува тежок недостиг на кислород во сите ткива на организмот, и последиците што настануваат се поради тоа“,вели Чибишев.
Според него, среќа е што повредените брзо се донесени и многу брзо, стручно и енергично е реагирано.
„Сите бевме вклучени практично целата клиника веднаш се посветивме на пациентите и јас сум среќен што досега немаме загуба на човечки живот ни посериозни компликации заради таа хипоксија што настанува што може да биде трагична кога го зафаќа мозокот“,рече директорот на Токсикологија.