На Токсикологија нема жртви од предизвикот „Парацетамол“ на Тик-ток, вели Таравари

„Ако сепак се случи труење, а не се поминати 2-4 часа, веднаш дадете 10 таблети медицински јаглен и АЦЦ (2 кесички) и веднаш побарајте лекарска помош“, вели доктор Беќаровски

Од новиот предизвик Тик-ток, со внесување големи количини на лекот парацетамол, досега нема информации дека на Клиниката за токсикологија има пациенти што учествувале во него, вели министерот за здравство Арбен Таравари.

„Досега немаме информации од Клиниката за токсикологија дека некој од пациентите кои учествувале во предизвик на Тик-ток, млади луѓе кои користат по 5-6 парацетамоли, дека се пријавени на Клиниката за токсикологија. Јас првпат ја слушам оваа информација бидејќи не ни користам Тик-ток“,

вели Таравари одговарајќи на новинарски прашања.

Одговорот на Таравари се надоврзува на објава на докторот Нико Беќаровски кој на својот фејсбук-профил апелира за опасниот предизвик меѓу младите.

„Труењата со парацетамол се меѓу најсмртоносните труења со лекови. Дури и мали дози 10-15 таблети предизвикуваат оштетувања на црниот дроб. 20-40 таблети предизвикуваат сериозни труења и оштетувања на црниот дроб, а труењата со над 50 таблети многу често завршуваат со смрт, дури и при интензивно лекување“,пишува Беќаровски.

 

Во објавата тој вели дека секоја година 30-50 отсто од акутните трансплантации на црниот дроб во САД и Европа се прават поради труења со овој лек.

„Затоа контролирајте ги вашите деца пред да ни се случи нова трагедија“,додава тој.

Беќаровски посочува и на тоа што треба да се направи ако сепак се случи труење.

„Ако сепак се случи труење, а не се поминати 2-4 часа, веднаш дадете 10 таблети медицински јаглен и АЦЦ (2 кесички) и веднаш побарајте лекарска помош. Секундите некогаш значат спасен или изгубен млад живот“,вели доктор Беќаровски.

Пред десетина дена „Свисинфо“ објави предупредување од здравствените власти на неколку кантони во западна Швајцарија за ризиците од овој предизвик. Во нивното предупредување се повикуваат аптеките да бидат повнимателни при продажбата на овој лек на младите луѓе.

Back to top button
Close