На умерена инфлација од 3,1 процент во 2021 година упатуваат најновите проекции на Народна банка

Инфлацијата останува во контролирани рамки. Најновите проекции упатуваат на умерена инфлација од 3,1 процент во 2021 година, според најновиот квартален извештај со макроекономски проекции, што го усвои Советот на Народна банка.

Како што се наведува, најголемиот дел од тековните нагорни притисоци се должат на фактори на страната на понудата, поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, со пренесениот ефект од минатогодишното зголемување на цените од регулаторна природа, како и од одредени фактори специфични за пандемиската криза, а во услови на олабавување на рестриктивните мерки.

Следната година се очекува нормализација на овие фактори и забавување на инфлацијата, при што би се свела на 2,4 проценти, а потоа постепено на околу 2 отсто на среден рок. Истовремено, не се очекуваат позначителни пренесени ефекти од моменталниот раст на цените, со оглед на оцените за умерено закрепнување на побарувачката. Под влијанието на пролонгираното траење на пандемијата, на меѓународните пазари и понатаму постои голема променливост на цените на примарните производи, а со тоа и неизвесност околу движењето на увозните цени, како на краток, така и на подолг рок.

„Втора година по ред, макроекономските проекции се спроведуваат и се објавуваат во услови наметнати од пандемијата и глобална неизвесност. При вакви околности, Народната банка постојано води олабавена монетарна политика, заради ублажување на ефектите од пандемијата врз домашната економија. Во периодот помеѓу априлскиот и овој циклус проекции, економските параметри главно се движеа во согласност со очекувањата. Ризиците и натаму беа поврзани со неизвесната околу здравствена состојба, при понагласени нарушувања на синџирите на снабдување и променливост на пазарите на примарни производи -велат од Народна банка.

Најновите очекувања за економскиот раст се непроменети во однос на априлските проекции, при што за следната година и натаму се очекува целосно враќање и надминување на преткризното ниво. Во согласност со вградените претпоставки за надворешното окружување и домашните фактори, во оваа и следната година, економската активност ќе расте со идентична стапка на раст од 3,9 отсто и постепено ќе достигне стапка од 4 проценти, на среден рок. Во целиот период на проекциите, се очекува дека растот и натаму ќе произлегува од домашната побарувачка, додека нето-извозот ќе има негативен придонес кон растот во периодот на проекции. Закрепнувањето на странската побарувачка би влијаело стимулативно на извозната активност, но со оглед на високата увозна компонента на извозот, но и побрзото закрепнување на домашната побарувачка, се очекуваат и поголеми увозни притисоци.

Дефицитот на тековната сметка и натаму би бил во умерени рамки, но на нешто повисоко ниво од минатата година (3,8 процентиод БДП), а на среден рок би изнесувал околу 2 проценти од БДП, слично на преткризното ниво. Проширувањето на дефицитот е пред сѐ одраз на повисокиот трговски дефицит при пораст на светските цени на храната и енергијата, привремен застој кај синџирите за снабдување којшто го забавува извозот и на постепеното закрепнување на домашната побарувачка. Овие ефекти се во голема мера неутрализирани со побрзото закрепнување на приватните трансфери, како и подобриот нето-извоз на услуги. Дефицитот на тековната сметка, како и во преткризниот период, ќе биде во целост финансиран од приливите во финансиската сметка, што ќе овозможи натамошен раст на девизните резерви на среден рок.

Показателите за адекватноста на девизните резерви упатуваат на нивно задржување во сигурната зона во текот на целиот период на проекции, што дополнително упатува на стабилноста на домашната валута – денарот.

Кредитната активност на банкарскиот систем и натаму е еден од важните фактори за поддршка на економскиот раст. Во периодот на проекции се очекува солиден кредитен раст, кој оваа година ќе изнесува 7,1 отсто и постепено ќе забрза достигнувајќи околу 8 проценти на среден рок. Слични се очекувањата и за движењето на депозитите во периодот на проекции, како главен извор на финансирање на банките.

Back to top button
Close