На Ургентен центар транспортирани тројца градежни работници, двајца со полесни повреди, еден со скршеници
Двајца од работниците кои утринава беа затрупани со земја на градилиште во Кисела Вода се со полесни телесни повреди и контузии, а еден е со скршеници на двете потколеници и една натколеница, информира Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

– Во врска со несреќата на градилиште во Кисела Вода, информираме дека во Ургентниот центар се транспортирани тројца повредени градежни работници. Двајца од работниците се со полесни телесни повреди и контузии, во тек се дијагностички процедури. Кај едниот од нив веднаш е санирана повреда на лактот, а третиот пациент е со скршеници на двете потколеници и една натколеница. Се следи здравствената состојба на повредените лица и продолжува нивниот медицински третман, се вели во соопштението од Ургнетниот центар.
Доктор Драган Панов, шеф на смена во Итна медицинска помош – Скопје, претходно за МИА изјави дека при несреќата загинал градежен работник и оти тројца биле повредени.
Докторот Панов изјави дека според првичните информации, настраданите најверојатно се на возраст од 35 до 45 години, но, увидот ќе покаже за што точно станува збор и под какви околности се случила несреќата. Жртвата, како што рече, според првичните информации, е на 34-годишна возраст.
– Интервениравме со четири амбулантни возила, рече доктор Панов.
Министерството за внатрешни работи, пак, соопшти дека изутринава во 08:17 часот во СВР Скопје е пријавено дека на градилиште на улица „Козјак“ во Скопје, при ископ на темели со земја биле затрупани тројца работници. – Од нив, двајца се извадени и со возило на Итна медицинска помош се пренесени во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, а во координација со Центарот за управување со кризи и Бригадата за противпожарна заштита се преземаат мерки за вадење и на третото лице, велат од МВР.






