Најважниот објектив е оној во главата, порача Ентони Дод Ментал кој доби „Златна камера 300“


Најважниот објектив е оној во главата, а најважното нешто што треба да го кажат треба да дојде од срцето, сето друго е академско. Она што вие автентично го имате е во овие две точки, рече Ентони Дод Ментл, британско-дански кинематографер кому му беше врачена наградата за животно дела „Златна камера 300“.

-Филмот е глас на комплексните значења на реалноста бидејќи говори во името и на утопиите и на дистопиите, а уметноста е чин на храброст, затоа што нејзината цел не е да ја репродуцира реалноста, туку да не соочи со неа, истакна вечерва во Битола претседателот Стево Пендаровски, кој како покровител го отвори Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“.

Пред аудиториумот во Битола, Пендаровски го цитираше Брехт според кој уметноста не е огледало во кое се огледува реалноста, туку длето со кое критички се обликува она што не е експлицитно видливо во реалноста и она што често општествените и политичките динамики сакаат да го затскријат.

На отворањето се обрати и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Се радувам, рече Костадиновска Стојчевска, кога уметноста е прва вест, како што тоа е вечерва во чест на балканските браќа на светлината. Овој фестивал е најстар во светот посветен на умешноста и љубовта кон кинематографијата.

Во името на градот домаќин се обрати градоначалникот Тони Коњановски, а публиката во Битола го поздрави доделувањето на почесната Златна „Камера 300“ на долгогодишниот претседател на ИМАГО, Најџел Волтерс, постхумното признание за Горјан Тозија-Медо, наградата Голема Ѕвезда на македонскиот филм и наградата Златна „Камера 300“ за животно дело која му беше доделена на Ентони Дод Ментл.

На големото платно во Центарот за култура вечерва се емитува францускиот игран филм „Мајка и син“ во кој кинематограферка е Елен Луварт.

Back to top button
Close