На „вечно болниот“ вештак за Ласкарци му се закануваат парична казна и стражарно спроведување

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска, наместо да се слушне клучното вештачење на Зекирија Зекири, поради чие отсуство од здравствени причини, беа одложени веќе неколку рочишта од судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци, се испитуваше вештото лице Јованка Савова, како дел од тимот што го изготви супервештачењето кое судот го нарача во декември 2021 година. Зекири ниту вчера не дојде во судот со истото образложение, за кое во судот велат оти се немоќни да го проверат бидејќи е доставено валидно лекарско уверение, пренесе Слободен печат.

Но, како што објаснија оттаму, доколку вештакот продолжи со недоаѓањето на рочиштата, судот може да го казни Бирото за судски вештачења, од кое Зекири е избран за вештачењето во овој случај или да побара негово стражарно спроведување. Од судот одговорија и на наводите дека вештакот Зекири намерно ги одбегнува рочиштата поради поврзаноста со политичката партија ДУИ, која пак се поврзува и со сопственикот на компанијата „Дурмо Турс“, чиј автобус учествуваше во несреќата.

– Ние немаме можност да докажеме дека отсуството на вештакот, навистина, е или не е од здравствени причини. Како суд правиме се за да го елиминираме субјективниот елемент од судењата – објаснуваат од судот.

Станува збор за вештакот за чие мислење и самиот обвинител изјави дека е клучно во постапката.
Во меѓувреме, за повеќе да не се пролонгира постапката, во судот вчера се слушаше мислењето на Јованка Савова од Бирото за судски вештачења. Таа зборуваше за техничките прегледи на автобусот и за начинот на кој што се извршени.

повеќе

Back to top button
Close