На велешко езеро „Младост“ се уредува првата плажа

Општина Велес во рамките на проектот „Смарт езеро Младост“, во соработка со екипи на ЈКП „Дервен“, деновиве интензивно ги изведува работите на уредување на првата плажа. На припомош за изведување на градежните работи денеска се и затвореници од велешкиот затвор, кои ќе работат и во наредните неколку денови со вработените од ЈКП „Дерен“ и „Тргоцемент“.

На плажата се прави и пристапна патека која е прилагодена и за лицата со пореченост. Се поставуваат метални чадори за сонце со сламена заштита, а се прават и пристапни скали кои водат до паркингот, веднаш под нив тоалети, соблекувални и туш кабини и чешми со вода за пиење, според стандардите на сите плажи покрај езера и море.

Како што информира градоначалникот Аце Коцевски, кој денеска направи увид во градежните работи, уредувањето на „Првата плажа“ на велешко езеро е дел од проектот „Смарт езеро Младост, прва иноватививна туристичка дестинација во земјава“ со повеќе содржини, вреден над еден милион евра, финансиран од ЕУ преку Светската Банка.

Тој најави дека градежните работи ќе бидат готови за една недела и очекува дека плажата ќе биде привлечна за посетителите од Велес и соседните општини.

Коцевски информира дека патеката ќе продолжи и понатаму долж езерото.

– Ние ќе видиме како оваа уредена „Прва плажа“ ќе ја прифатат посетителите и се надевам дека догодина ќе смогнеме сили да уредиме уште некоја плажа и можеби да ги издаваме под концесија, најави Коцевски.

Прашан дали локалната власт финансиски ќе го поддржи здружението „Македонски спасител“ заради безбедност на посетителите, тој рече дека немаат договор со спасителите за да имаат обврска да ги финансираат.

– Ние немаме договор со спасителите за да имаме обврска нив да ги финансираме, веројатно тие конкурирале преку здружение на граѓани. Ќе видиме како тие меѓусебни обврски ќе ги регулираме, со цел да биде безбедно капењето на посетителите на езеро „Младост“, појасни Коцевски.

На констатацијата дека спасителите не бараат хонорари, туку само минимални пари за превоз до езеро и назад и за храна на спасителите, тој одговори дека за тоа ќе решаваат во наредните денови.

Воедно, Коцевски најави поправка на нивната Спасителна кула која несакајќи била оштетена при сечење и пад на деградирани дрвја кои би претставувале опасност за капачите .

Тој најави дека планира оспособување на една просторија во близина на бродот „Панини“ дадена на ЗСР „Бабуна“, а која е узурпирана од едно физичко лице.

– Ќе видиме и за пожарникарите и за спасителите, сакаме да создадеме добри услови за да може да се набљудува целата оваа површина. Воедно ќе биде наменета и за Здружението на граѓани „Акцијаш“ кое се грижи за младите садници пошумени изминатата есен на опожарените површини над велешко, информира Коцевски.

Back to top button
Close