На возилото на Министерството за политички систем некои делови му фалеле, а други биле заменети

„Возилото беше однесено во овластениот сервис во текот на важност на првиот склучен договор меѓу договорните страни, од каде што е констатиран сериозен дефект. По завршување на проверката и дијагностиката на возилото, утврдено е дека моторот е блокиран и дека треба да се замени со нов мотор. За состојбата беше известен кабинетот на поранешниот министер, но поради тоа што не одобри сервисирање на возилото, тоа не беше поправено и остана во просториите на носителот на набавката“, се додава во записникот

Делови од моторот недостигаат, левата предна врата и левото предно крило се демонтирани и на нивно место се монтирани од друго возило, демонтиран е браникот, а целосно биле извадени и двете брави од левата страна. Ова е наведено во записникот што е направен откако е пронајдено возилото марка „бе-ем-ве“ од страна на службеници од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а за кое минатата недела информира министерот Иван Стоилковиќ.

Стоилковиќ рече дека џип марка „бе-ем-ве“ во сопственост на Министерството за односи меѓу заедниците вреден 60 илјади е пронајден во многу лоша состојба во сервис за поправка, од каде што не е подигнат.

Според она што го пишува во записникот, возилото било оставено на сервис во одлична состојба на каросеријата и не му недостигале делови, единствената маана бил блокираниот мотор.

Возилото, се додава во записникот, било оставено во автолакер „Буњо“ во Куманово поради блокиран мотор, но не било вратено во Министерството по истекот на договорите кои со овој сервис биле склучени на 10 март 2022 година и на 30 мај 2023 година.

„Возилото беше однесено во овластениот сервис во текот на важност на првиот склучен договор меѓу договорните страни, од каде што е констатиран сериозен дефект. По завршување на проверката и дијагностиката на возилото, утврдено е дека моторот е блокиран и дека треба да се замени со нов мотор. За состојбата беше известен кабинетот на поранешниот министер. Поради тоа што тогашниот министер не одобри сервисирање на возилото, тоа не беше поправено и остана во просториите на носителот на набавката“,се додава во записникот.

Административните службеници Садудин Асипи и Африм Весели, кои во име на Министерството за односи меѓу заедниците требале да го вратат возилото, имале неколку безуспешни обиди да остварат контакт со овластениот сервис.

Во записникот службеникот Асипи наведува дека во повеќе наврати го контактирал овластениот сервис со барање возилото да се врати во Министерството. Но, од страна на сервисерот, додава Асипи, во сите наврати му било ветувано дека возилото ќе ја вратат во текот на работната недела или по наредната недела, но тоа не било реализирано.

„Ова барање до сервисерот траеше неколку месеци. Во првите денови од 2025 година, државниот секретар повторно побара уште еднаш да ја контактирам фирмата и да барам веднаш, без одлагање, возилото да биде вратено во Министерството, а дека во спротивно ќе бидат преземени мерки согласно позитивните законски прописи. Направив повеќе неуспешни обиди телефонски да стапам во контакт со овластениот сервис, по што испратив СМС-порака со претходно наведеното барање. Овластениот сервис не ми одговори ниту на телефонските повици ниту на пораките“наведува Асипи во записникот.

Двајцата вработени од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, на 14 јануари со овластување од државниот секретар заминале во Куманово каде што ја констатирале лошата состојба на возилото.

Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ во петокот посочи дека ова е најновата злоупотреба што деновиве ја откриле, покрај другите нови пронајдени изминатиот период, а се однесуваат на имотот на Министерството.

Тој рече дека за овој случај го информирале Министерството за внатрешни работи (МВР) и додаде дека истрагата ќе утврди повеќе детали како се постапувало со автомобил вреден 50-60 илјади евра, во сопственост на Министерството.

Џип од 60 илјади евра бил заборавен во сервис, сега е без врати и делови – Стоилковиќ откри нова злоупотреба со имотот на Министерството

Back to top button
Close